Претходна статија
Струшки „Илинден“ ќе го гради затворениот пазар во Охрид
Следна статија
Решение за хигиенски и трајно сигурен водоводен систем во вашиот дом

АНАЛИЗА: Македонија да каже „НЕ“ на проектот „Турски поток“

Објавено на 28.02.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Случајно или многу поверојатно не, најавената гасификација на Македонија е поставена на мртва точка. Изборот на заинтересирани компании што ќе ги приклучат македонските општини на гасоводната мрежа се оддолжува од страна на македонската влада, додека за изградбата на гасоводната дистрибутивна мрежа во главниот град чекаме одлука со задоцнување од неколку месеци за да се направи споредба на доставените понуди од италијанска и од турска компанија. Магистралниот гасовод кон ТЕ „Неготино“ што требаше да се гради од рускиот клириншки долг го нема никаде, а на македонската јавност смислено и во точно одбрани периоди и се сервира тезата дека Република Македонија мора да се приклучи на проектот „Турски поток“.

 

 

 

Авторот на овој текст направи своја анализа околу причините поради кои е неоправдан рускиот стратешки проект за доставување на природен гас преку нашата земја до земјите – членки на ЕУ. Сите овие размислувања можат да бидат протолкувани од различни аспекти и интереси, но притоа стратешкиот интерес на Република Македонија мора секогаш да добива првенствено значење. Најпрво, нашата земја во својата надворешнополитичка стратегија го има нагласено зачленувањето во Северноатлантската алијанса НАТО и во Европската унија како основен, главен и најзначаен приоритет на својата надворешна политика. Придржувањето до оваа стратегија значи и целосно почитување на европските политики.

 

Европската комисија ја изнесе својата стратегија за оформување на Енергетска унија како сигурно, одржливо и конкурентно снабдување со енергија на секој граѓанин на оваа наднационална унија. Во оваа стратегија, како прв приоритет е нагласена клаузулата за солидарност, која подразбира намалување на зависноста од поединечен добавувач при снабдувањето со енергија и користење на соседните земји при изборот на енергетските извори. Од извршното тело на Европската унија нагласуваат дека во иднина ќе мора да има поголема транспарентност при склучувањето договори за купување на електричната енергија и на гасот.

 

Во кратки црти, Европската унија бара нејзините членки да ја намалат зависноста од природен гас од Русија, со најава дека во наредниот период ќе се инвестира во оние проекти што ќе го зголемат бројот на добавувачи на природен гас. Следејќи ја ваквата стратегија, Република Македонија е должна да работи на пронаоѓање нов партнер од каде што таа би се снабдувала со гас и кој би помогнал во изведбата на магистралните гасоводи и на дистрибутивната мрежа. Ако се земе во предвид дека проектот „Турски поток“ е чедо на руски „Газпром“, останува јасен фактот дека нашата земја не би се придржувала на веќе востановените начела на Европската унија.

 

Како второ, и самата Руска Федерација напомена дека нема намера да инвестира во изградбата на цевките од гасоводот, на потегот од турско – грчката граница до Унгарија. Тоа значи дека Република Македонија треба да вложи огромни финансиски средства за да ја изгради трасата преку која е планирано да се дистрибуираат 47 милијарди метри кубни гас. На нашата земја ќе и бидат потребни стотици милиони евра за да инвестира во мегаломанскиот проект, за кој веќе се најавува дека се неопходни кредити од странство. Дури и да се обезбедат евтини кредити од Руската Федерација, кристално е јасно дека ќе бидат потребни многу години за да се исплатат овие кредитни линии, а дури потоа нашата земја да оствари некаква добивка од проектот „Турски поток“.

 

Како трето, Република Македонија со прифаќањето на руската понуда влегува во актуелните геостратешки игри помеѓу големите земји, првенствено Соединетите Американски Држави и Руската Федерација, при што големото прашање е дали таа може да се снајде во нив. Не смее да се заборави фактот дека во нашата земја живеат различни етнички групи, кои одамна ги имаат избрано САД како стратешки меѓународен партнер, додека зачленувањето во НАТО и во ЕУ како основен надворешнополитички приоритет. Наједноставно кажано, прашањето е дали вреди евентуалното нарушување на меѓуетничките односи поради проектот „Турски поток“. Истовремено, треба да се постави и прашањето дали воопшто некогаш сме имале полза од сојузништвото меѓу Србија и Грција, кога станува збор за сувереноста и независноста на Република Македонија, но и за почитувањето на македонскиот јазик, култура и црква од страна на овие две земји.

 

Како четврто, Руската Федерација покажа дека е несигурен партнер на нашата земја. Македонската држава се обидува повеќе од една деценија да извлече враќање на рускиот клириншки долг. Ниту владата на претходниот премиер Владо Бучковски, ниту постоечката влада на премиерот Никола Груевски не успеа да се спогоди со руските партнери околу подмирувањето на рускиот долг во висина од 60 милиони долари. Со години чекаме на милоста за да ни се вратат овие финансиски средства преку изведба на магистралниот гасовод од кумановското село Клечовце преку Штип до неготинската термоелектрана. По многу јалови преговори и договарања, на крајот се одлучи дека рускиот долг ќе се врати преку изведба на магистрален гасовод во должина од 60,7 километри, но само до Штип.

 

Непродолжувањето на магистралниот гасовод до Неготино е една од стратешките грешки на македонската политика, но и очигледно добро смислено сценарио однадвор. Со изведбата на цевководот до ТЕЦ „Неготино“ ќе се остварат две значајни придобивки за нашата земја. Првата е добивање на уште една комбинирана електрана, која би произведувала евтина електрична енергија за македонските потрошувачи. Но втората и позначајна, Неготино е извонредно блиску до грчката граница, во чија близина се наоѓаат магистрални гасоводи преку кои може да се транспортира гас од други добавувачи. Грција нив веќе ги користи. Дополнително, САД веќе им понудија на балканските земји можност за доставување на течен природен гас со бродови. Тука е и можноста за приклучување кон Транс – јадранскиот гасовод (ТАП), преку кој се протежираат стратешките енергетски интереси на ЕУ и на САД.

 

Република Македонија мора да изгради своја сопствена енергетска политика, која ќе биде во согласност со европското законодавство, но и со основните приоритети на Европската унија. Увозот на руски природен гас ќе продолжи преку веќе изградениот гасовод кон Бугарија, но нашата земја мора да пронајде друг стратешки партнер при гасното поврзување со јужниот сосед. Изборот на проектот „Турски поток“ ќе значи целосен монопол на Руската Федерација при испораките на гас, а тоа не би можело да им гарантира целосна сигурност на македонските граѓани и на компаниите во поглед на конкурентноста на енергетскиот пазар и на евтините цени. Токму затоа, вреди да се примени правилото: колку повеќе различни партнери при изведбата на гасоводната мрежа и при доставувањето на гасот, толку поголема сигурност и просперитет за граѓаните на Република Македонија.

 

 

Бојан Блажевски