Американската компанија „Адиент“ денеска ја отвори новата фабрика за производство на навлаки за автомобилски седишта во технолошко-индустриски развојната зона во Струмица. Индустрискиот објект се простира на површина од 12.500 метри квадратни и ќе произведува автомобилски навлаки за европскиот пазар. Во проектот се инвестирани повеќе од 20 милиони американски долари, а со новата фабрика ќе се отворат над 1.200 работни места. Градежните работи почнаа да се реализираат во текот на мај 2016 година.
* Извор на фотографии: Општина Струмица
На денешното отворање на фабриката присуствуваа македонскиот премиер Зоран Заев, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и амбасадорот на САД во Македонија Џес Бејли. „Инвестициите и се потребни на Македонија и поради тоа ќе посветиме големо внимание на развивањето поволна деловна клима во државата. Во тоа име, ги поздравувам сите државни службеници кои работеа досега и продолжуваат да работат на привлекување странски инвестиции како и овозможување на поволна клима, секако рамноправно и на домашните инвеститори“ истакна премиерот Заев.