Претходна статија
Скопски „Бетон“ се пресели во нова деловна зграда
Следна статија
ЦРТИЦА: Градскиот трговски центар како симбол на модерното и современо Скопје

„Алпине“ отиде во банкрот, ќе има ли застој на проектите што се градат во Македонија?

Објавено на 20.06.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Австриската градежна компанија „Алпине Бау“ (Alpine Bau GmbH) вчера прогласи банкрот поради тоа што не успеа да се договори со доверителите за да се реорганизираат обврските во висина од 2,6 милијарди евра. И додека Австрија го доживува најголемиот копапс меѓу домашните компании по Втората светска војна и се појавува опасност од пропаѓање на уште 500 други компании, се поставува прашањето што ќе биде со проектите што „Алпине“ ги изведува на македонско тло. Двата најкрупни проекти на кои работи австриската фирма во моментов се новата административна зграда на „Водовод и канализација“ во Скопје и рехабилитацијата на две делници од железничкиот Коридор 10 во должина од 24,1 километри. „Билд“ денеска се обиде да добие официјален став за состојбата во која се наоѓа компанијата од скопската подружница на „Алпине“, но оттаму засега не добивме одговор на нашите прашања.

 

 

 

Официјално молчат и раководствата на скопското претпријатие „Водовод и канализација“ и на „Македонски железници – Инфраструктура“, кои се јавуваат како инвеститори на двата проекти што ги изведува австриската компанија. Крајниот рок за завршување на реконструкцијата на железничките делници Табановце – Куманово и Миравци – Смоквица е ноември годинава. Овој проект „Алпине“ го реализира како конзорциум со германската компанија „Вибе“. Австријците работат и на изградба на новата административна зграда на „Водовод и канализација“ во центарот на Скопје, која е доведена на ниво на карабина и во чии рамки во изминатите неколку недели се изведува куполата на објектот. Крајниот рок за нејзино завршување е декември 2014 година.

 

 

 

Македонија досега има едно непријатно искуство со сплитската градежна компанија „Конструктор“, која по прогласувањето на стечај во Хрватска, ја прекина изведбата на проектите што ги градеше во земјава. Како последица на непридржување до роковите и критериумите од договорот, Градот Скопје, Општина Центар, Управата за културно наследство и Агенцијата за млади и спорт тогаш ги раскинаа договорите со оваа компанија.