Компанијата „Алкалоид АД Скопје“ пушти во употреба три нови производни погони. Станува збор за погон за производство на полу-цврсти фармацевтски форми (масти, креми, гелови и вагитории), централна вагална 2 и одделение за пакување на цврсти фармацевтски форми. Новите производни одделенија се простираат на површина од 1.000 метри квадратни, а вредноста на оваа инвестиција изнесува над 2,5 милиони евра.
Погонот за производство на полу-цврсти фармацевтски форми зафаќа површина од 460 метри квадратни, во кои се одвива комплетниот процес на вагање на суровините, подготовка на полу-производи како и дозирање и пакување на готови производи. Централна вагална 2 се простира на 240 метри квадратни, при што опремата се состои од систем за вагање кој служи за контролирање, мониторирање и менаџирање на процесот на мерење на активните и помошните супстанци кои влегуваат во составот на цврстите фармацевтски форми. Одделението за пакување на цврсти форми зафаќа површина од 300 метри квадратни на кои се инсталирани две производни линии.
„Присуството на компанијата на пазарите во над 30 земји во светот и постојаното тежнеење кон отворање нови пазари и нови перспективи, налага внимателно следење на трендовите од областа на здравството и фармацијата и нивно имплементирање во секојдневното работење. За таа цел, инвестициите во нови капацитети, технологија, знаење и кадар ќе продолжат да бидат императив во нашите секојдневни операции“ изјави Живко Мукаетов, генерален директор и претседател на управниот одбор на „Алкалоид АД Скопје“.