Претходна статија
Ќе се реконструира скопската болница „Св. Наум Охридски“
Следна статија
Холандски „ВПТЕКС“ отвори фабрика во Кадино

Албанската „Амадеус груп“ ќе гради барокен деловен објект на плоштадот „Македонија“

Објавено на 15.10.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Последната слободна градежна парцела на плоштадот „Македонија“ во Скопје денеска е отуѓена. Во конкуренција на три приватни фирми, на денешното електронско наддавање најповолна понуда за откуп на атрактивното земјиште со површина од 1.046 метри квадратни даде „Амадеус девелопмент“ ДООЕЛ – Скопје, со понудена цена од 93.100 денари за метар квадратен, односно вкупно 97.382.600 денари или над 1,5 милиони евра. На лицитацијата учествуваа и „Кам“ ДООЕЛ од Скопје и бугарската „Инфра инженеринг“. „Најповолниот понудувач е должен во рок од 15 дена од денот на завршување на постапката за јавно наддавање да ги уплати средствата согласно постигнатата крајна цена од наддавањето“, се вели во соопштението на Министерството за транспорт и врски.

 

 

 

 

На локацијата помеѓу „Сити Галери“ и објектот „Пелистер“ треба да никне зграда со приземје и три ката, во чии рамки ќе бидат вклучени и веќе најавените шпански скали. На истата парцела претходно се планираше изградба на црквата Св. Константин и Елена, потоа беше најавено дека таму ќе се пресели Народната банка на Македонија, која во август минатата година соопшти дека се откажува од локацијата и дека ќе побара нова.

 

 

 

 

„Амадеус девелопмент“ ќе мора да го изведе објектот во барокен архитектонски стил, според веќе објавеното идејно решение за фасадно обликување подготвено од Министерството за транспорт и врски. По уплатата на финансиските средства и солемнизацијата на договорот, градежната дозвола ќе треба да биде обезбедена во рок од девет месеци, а изградбата да заврши во рок од шест години од добивањето на дозволата. Пред склучување на купопродажниот договор, фирмата треба да достави банкарска гаранција за навремено и квалитетно завршување на работите во износ од 100.000 евра.

 

 

 

 

Зад „Амадеус девелопмент“ стои албанската „Амадеус груп“ за која македонската јавност слушна во 2011 година, кога истата купи 4.090 метри квадратни градежно земјиште под скопското Кале, каде треба да гради хотел во стил на барок, неокласицизам и неоромантизам.

 

 

» Форумска дискусија за овој проект