Претходна статија
Советот на град Скопје и официјално ја прекина „барокизацијата“ на фасадите
Следна статија
Македонија најдоцна денес треба да одговори на критиките на УНЕСКО за градежните проекти во Охрид

Ако се гради во Бардовци, новиот Клиничкиот центар би чинел и до 500 милиони евра

Објавено на 31.01.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Македонија би се соочила со сериозни предизвици доколку се одлучи да ја промени локацијата за изградба на новиот Клинички центар во Скопје. На Банката на Советот на Европа би требало да ѝ се исплатат 5,5 милиони евра за промена на местото за изведба на идното здравствено здание. Воедно, оваа банка не се согласува да ги пренамени веќе обезбедените средства за некоја друга локација. Овие информации беа обелоденети од македонскиот премиер Зоран Заев на собраниската седница за поставување на пратенички прашања. Воедно, тој дополни дека изградбата на новиот објект на Клиничкиот центар во близина на селото Бардовци би ја чинел државата од 450 до 500 милиони евра.

 

 

Премиерот Заев напомена дека за локацијата кај Бардовци ќе мора да се бараат нови извори на неопходните финансиски средства, да се решаваат имотно – правните односи за новата локација, но и одново да се изработува целокупната проектна документација. Ако се оди со нова локација за овој капитален објект, тогаш неговата изградба би се пролонгирала за пет години. Наспроти ова, изборот на постојната локација би значел отпочнување на градежните работи уште во текот на годинава. И покрај сето ова, премиерот Зоран Заев пред пратениците посочи дека владата се уште не ја донела конечната одлука околу локацијата на која би се градел Клиничкиот центар.

 

„На тендерот нема дилема за постапката за избор на изведувачот. Она што е проблематично е слабата организација на сообраќајот на оваа локација. Генерално дилемата е дали во цела гужва таму треба да се гради Клинички центар. Проблемот е сообраќајното решение кое сега има 330 паркинг места, а потребни се 3.700“ изјави премиерот Заев. Ако се гради здравствениот комплекс на постојната локација, тогаш со сигурност ќе се подигнат две нови катни гаражи на улицата Водњанска и кај зградата на МВР. Со изведбата на овие инфраструктурни објекти би се решил постојниот проблем со недостиг на паркинг места во Клиничкиот центар.

 

Договорот за изградба на Клиничкиот центар – Скопје на сегашната локација беше потпишан од претходното владино раководство во април 2017 година. Вредноста на договорот изнесува 85 милиони евра, а за изведувач на севкупните работи е избран италијанско – македонски конзорциум, предводен од фирмите „Инсо системи“ од Италија, „Бетон“ од Скопје и „Гранит“ од Скопје. Новата влада се одлучи да направи ревизија на целокупната постапка пред да ја донесе финалната одлука – на која локација ќе се гради најзначајниот здравствен комплекс во земјава.

 

 

» Форумска дискусија за Клиничкиот центар во Скопје