За намалување на загадувањето на воздухот во Скопје до 50 отсто во наредните осум години би требало да се инвестираат 380 милиони евра. Овој податок од научниците на МАНУ беше изнесен на денешниот форум со академската заедница за можностите за намалување на загадувањето на воздухот предизвикано од греењето на домаќинствата. Овие средства би биле неопходни за проширувањето на системот на топлификација во Скопје, спроведување на мерки за енергетска ефикасност во објектите и менување на уредите за греење во домаќинствата.
На денешниот форум се изнесе податокот дека аерозагадувањето ја чини Македонија најмалку 325 милиони евра, кои беа пресметани од Светската банка како трошоци за справување со проблемите поврзани со загадениот воздух. Во фокусот на денешниот форум беа предложените акции во Патоказот за намалување на загадувањето од греењето 2017-2025, изработен како заедничка активност на Министерството за животна средина, УНДП, Град Скопје во соработка со МАНУ, истакнати експерти од академската заедница и Центарот за иновации – Скопје Лаб.
Заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули во своето обраќање истакна дека политиките и мерките за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух мора да бидат засновани на научни факти и бројки. Тој спомена дека секоја мерка која дава резултати, а е поевтина од 325 милиони евра, претставува издржано решение.