Претходна статија
Државата собира многу данок, а малку вложува во заштита на животната средина
Следна статија
4,6 милиони евра за ревитализација на трансфостаницата „Дуброво“

АЕК годинава со двојно повеќе пари за изградба на Телекомуникациската кула на Водно

Објавено на 28.09.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

 

Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) годинава планира да потроши над 3,1 милиони евра за изградба на Телекомуникациската кула на Водно. Вкупната сума за доградба на објектот во текот на 2017 година е зголемена за 91.726.918 денари во рамките на Годишниот финансиски план на АЕК. Овие податоци се наведени во третиот мониторинг извештај за работата на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и Агенцијата за електронски комуникации подготвен во рамките на проектот „Мониторинг на ефикасноста, ефективноста, транспарентноста и одговорноста на регулаторните тела за медиумите – PROformance Watch“. Извештајот е изработен од Евротинк – Центар за европски стратегии, НВО Инфоцентар, Транспаретност Македонија и Хелсиншкиот комитет за човекови права.

 

 

Телекомуникациската кула на Водно се гради веќе четири години наназад. Објектот со висина од 155 метри е лоциран во непосредна близина на врвот на Водно, а АЕК за неговата изведба е обврзана да издвои 18 милиони евра. Бетонскиот столб веќе е издигнат десетици метри во висина, но освен недовршената конструкција на објектот, до денешен ден не се изведени предвидените четири конзолни платформи, челично решеткастиот столб и антената на врвот од Телекомуникациската кула. Според склучениот договор, објектот е предвидено да се заврши до крајот на 2018 година.

 

Изградбата на највисокото здание во Македонија веќе неколку години предизвикува спротивставени реакции во јавноста. Поранешниот премиер Никола Груевски на поставувањето на камен-темелникот говореше за импресивноста на самата градба, посочувајќи дека таа била двојно повисока од зградата на МРТВ. Наспроти него, голем дел од граѓанските активисти ја сместија Телекомуникациската кула на Водно во групата на објекти вклучени во проектот „Скопје 2014“. Екологистите во неколку наврати реагираа за големината на самиот објект и за опасноста од уништување на дел од Парк-шумата „Водно“ при неговата изведба.

 

Во Телекомуникациската кула на Водно е предвидено да се смести антенскиот систем за контрола и мониторинг на радиофреквенциите. Објектот е замислено да се состои и од канцелариски простор и ресторан со панорамски поглед на градот.

 

 

» Форумска дискусија за овој проект