Вечерва во црквата Пресвета Богородица во Скопје, Асоцијацијата на архитекти на Македонија ја додели дваесет и втората по ред награда „Андреја Дамјанов“ за животно дело и особени достигнувања од областа на архитектурата и градителството. Добитник годинава е Мимоза Несторова Томиќ д.и.а. која со овој чин воедно станува и член на Архитектонската Академија на ААМ. Лауреатот истакна дека наградата ја прима со силни емоции и дека особено и значи што помладите генерации на ваков начин ја вреднувале нејзината работа.
Според образложението на комисијата (составена од архитектите Викторија Еремеева, претседател, Вера Ќосевска, Гоце Аџи-Митревски, Марјан Шокуроски и Кристијан Јорданов), творештвото на Мимоза Несторова Томиќ е обемно и комплексно и опфаќа проекти и реализации од сите области на архитектонската пракса. Таа успеала да ја постави архитектурата како значаен и влијателен феномен кој учествува во креирањето на општиот културен амбиент. Во опсегот на работа на добитничката се открива не само програмска повеќеслојност туку и аргументирана интердисциплинарност на пристапи и методологии. Ваквиот значаен опус составен од урбанистички планови и студии, проекти и конкурси, реализации, ентериери, реконструкции, реставрации и публикации говори за комплетна професионална личност чиј развоен пат паралелно го исцртува историскиот развој на современата македонска архитектура. Умешноста да ги спои локалните традиционални култури со западните влијанија и интернационалниот стил резултира во автентични моќни градби кои ја толкуваат современоста преку близок и разбирлив јазик и стил.
Мимоза Несторова Томиќ е родена во Струга во 1929г. Дипломирала на Архитектонскиот факултет при Техничката висока школа во Белград. По дипломирањето се вработува во Институтот за народна архитектура во Скопје. Потоа работи како асистент кај проф. Јован Ранковиќ. По скопскиот земјотрес во 1963г се приклучува во тимот за изработка на основен урбанистички план на градот. Во 1965г дефинитивно се вработува во Градскиот завод за урбанизам и архитектура на градот Скопје, со звање самостоен проектант и раководител на атељето. Во периодот од 1986г па до пензионирањето во 1989г извршува функција на директор на Заводот за урбанизам.
Учествува во многубројни архитектонски конкурси, а дел од наградените се:
1953 – Идејно решение за старски дом во Скопје, во соработка со проф. Љ. Томиќ, 1-ва награда
1957 – Комплекс на станбени кули покрај Вардар, во соработка со проф. Б. Чипан, 3-та награда
1960 – Идејно архитектонско-урбанистичко решение за комплексот на техничките факултети, во соработка со проф. Љ. Томиќ, 1-ва награда
1974 – Конкурс за покриен пазар на „Бит-пазар“, во соработка со проф. Љ. Томиќ, награден
1983 – Детален урбанистички план за населба Капиштец, тимски труд, 1-ва награда
Изработка на урбанистички планови и студии, самостојно или тимски, од кои најзначајни се:
1963 – Генерален урбанистички план за град Скопје (тимски труд)
1964 – Детален урбанистички план за Старата скопска чаршија (тимски труд)
1968 – Реституција на просторот – комплексот дуќани на улица Казанџиска, Стара скопска чаршија
1975 – Детален урбанистички план за старата чаршија во Струга, по кој план истата е реализирана
1985 – Програма за детален урбанистички план за централното градско подрачје на град Скопје (раководител на тимот)
Дел од архитектонските проекти, ентериери и реконструкции:
1968 – Реконструкција и ревитализација на срушениот „Сули Ан“ во Старата скопска чаршија
1970 – Нов угостителски објект „Менада“ во Старата скопска чаршија
1977 – Стоковна куќа „Беко“, сега „ТЦЦ Плаца“, со комплетно внатрешно уредување
1978 – Идеен, главен проект и реализација на Музеите на Македонија во Старата скопска чаршија, во соработка со Кирил Муратовски. За овој проект авторите добиле награда „13 Ноември“
1978 – Станбени згради во населбата Капиштец во Скопје
1983 – Внатрешно уредување на Музеите на Македонија во одделите етнологија и археологија
1985 – Реконструкција, адаптација и акустика на Универзалната сала во Скопје
Особен печат во нејзиното обемно творештво се учествата на огромен број конгреси и симпозиуми, со комплексни реферати коишто се однесуваат особено на заштитата и ревитализацијата на урбаните јадра.