Претходна статија
БЛИЦ ВЕСТ: Градилиште во Жена-парк
Следна статија
Отворен нов објект на Тинекс со над 5.000m²

Се крои нов просторен план за скопскиот регион

Објавено на 18.03.2010 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Во Собранието на Град Скопје, а во организација на Министерството за животна средина и просторно планирање, вчера се одржа стручна расправа по нацрт просторниот план за скопскиот регион 2005-2020 година. Просторниот план го изработува Агенцијата за планирање на просторот врз основа на националната стратегија за таа намена и тој се носи во две фази, нацрт и предлог. Комисијата за стручна ревизија дала позитивно мислење, а како забелешки ги изнеле користењето на земјиштето, посебно на квалитетот и обемот на земјоделското кое се намалува, заштитата на животната средина, квалитетот на природните ресурси и особено квалитетот на водата. Забелешките и сугестиите ќе бидат внесени во наредната фаза, односно во предлог планот, а просторниот план ќе стапи во сила со негово усвојување во републичкото собрание.


Овој стратешки документ ќе биде основа за урбанистичката документација од понизок ранг, пред се за изработка на  новиот генерален урбанистички план на Скопје, кој е исто така во процедура. Документот има и управувачки карактер, го решава управувањето, организацијата и уредувањето на просторот. Со овој план би се разрешиле оние колизии кои се јавуваат на територијата на регионот, како што се проблемите со урбаната експанзија, со инфраструктурата, проблемите во однос на заштитата на животната средина и природата, проблемите со дефинирањето на заштитните зони и режимите на културното наследство.


Важечкиот просторен план за скопскиот регион датира од 1985 година. Новиот план претставува разработка на важечкиот просторен план на Република Македонија (2002-2020) и ќе го опфаќа периодот од 2005 година (кога почна постапката за негова изработка) до 2020 година. Се работи за обемен документ, изработен врз основа на 18 експертски елаборати во кои земаа учество повеќе научни институции  и бројни експерти од различни области. Вкупната површина што ја опфаќа е 1.815 километри квадратни, каде има 155 населени места со вкупно 578.144 жители (попис од 2002 година). Скопскиот регион го сочинуваат 17 општини, од кои 10 официјално градски (Аеродром, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Сарај, Центар, Чаир и Шуто Оризари) и 7 рурални (Арачиново, Зелениково, Илинден, Петровец, Сопиште, Студеничани и Чучер Сандево).