Невообичаено, во 5 часот наутро помеѓу петок и сабота советниците од општина Центар ги донесоа измените на Деталниот урбанистички план „Голем ринг, јужен дел – исток“ (потегот помеѓу Старата железничка станица и големиот паркинг кај Холидеј Ин) за изградба на две нови десеткатни згради во зелениот простор спроти хотелот „Бристол“, за изградба на катна гаража кај зградата на „Автомакедонија“, за затворање на Зеленото пазарче и за изградба на новопроектирани улици.
Според најновите измени на ДУП-от, просторот на сегашното Зелено пазарче ќе се пренамени во парковско зеленило и место за спорт и рекреација. И покрај собраните потписи од 1.400 граѓани од урбаната заедница „Роберт Гајдиќ“ против изгласаните измени од Советот на општина Центар, во парковското зеленило спроти хотелот „Бристол“ ќе се градат два нови административни објекти со височина од 29 метри.
Бојан Блажевски