Општина Куманово ќе гради затворен базен на површина од 5.600 метри квадратни во близина на спортската сала во овој град. Објектот ќе содржи спортски и комерцијален дел, при што на 4.000 метри квадратни ќе биде сместен затворен базен и спа – центар, додека преостанатите 1.600 метри квадратни се предвидени за комерцијални содржини во рамките на комплексот.
Вкупната вредност на инвестицијата изнесува 1,8 милиони евра, а средствата ќе бидат обезбедени од буџетот на кумановската локална самоуправа. Тендерот за изградба на објектот е распишан и од денес тече рокот за пријавување на градежните компании, а подготвена е и целокупната документација за негова изградба. Според информациите од општинските власти, камен темелникот на спортскиот објект ќе биде поставен на Денот на ослободување на Куманово на 11 ноември.
Бојан Блажевски