Претходна статија
Гасификацијата на Струмица влегува во завршна фаза
Следна статија
Се бара изведувач за Плоштадот „Скендербег“ во Скопје

ТЕМА: Цената на деловниот простор во Скопје нереално висока

Објавено на 18.10.2011 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Канцелариите и продавниците во Скопје ги достигнаа европските цени, иако во главниот град поголем дел од деловниот простор не се гради според пропишаните највисоки критериуми, а големите транснационални корпорации немаат отворено свои претставништва и продавници како во останатите држави од Југоисточна Европа. Деловниот простор во Скопје се продава и изнајмува по нереално високи цени со кои им конкурираме на градовите Софија, Букурешт и Прага, иако инвестицискиот циклус кај нив е неколкукратно поинтензивен.

 

 

Канцеларискиот простор се изнајмува до 20 евра, а малопродажниот простор до 40 евра за метар квадратен

 

Според неодамна објавената анализа на пазарот на недвижнини во Скопје на компанијата „Фортон“, кириите на малопродажниот простор за најдобрите локации во Скопје се движат од 20 до 40 евра за 1 метар квадратен, додека канцеларискиот простор од А и Б класа се нуди по цена од 7 до 15,5 евра за 1 метар квадратен. Во огласите на агенциите за недвижности и јавните огласи во весниците честопати се нудат атрактивни простори за изнајмување во строгиот центар на Скопје и по цена која достигнува до 20 евра за метар квадратен, иако во јавните огласи се нуди и деловен простор за изнајмување по цена од 5 евра за метар квадратен во скопските населби Аеродром, Карпош и Кисела Вода.

 

 

 

Покрај изнајмувањето, по извонредно висока цена се продава канцеларискиот и малопродажниот простор во главниот град на земјава. Деловен простор во Центар и во населбите Аеродром, Карпош и Кисела Вода е речиси невозможно да се купи по цена пониска од 1.500 евра за 1 метар квадратен, а највисока цена држи малопродажниот простор во трговските центри и пешачките зони во строгиот центар на Скопје. Во еден од дневните весници е објавена продажба на деловен простор на вториот кат во ГТЦ на површина од 96 метри квадратни за 2.500 евра за 1 метар квадратен, односно 198 метри квадратни по цена од 1.500 евра за 1 метар квадратен.

 

 

 

Изградбата на проектот „Скопје 2014“ уште повеќе ја зголемува вредноста на локалите во близина на новоизградените објекти. Така на пример, во весниците беше објавен јавен оглас за продажба на два „ексклузивни“ деловни простори во непосредна близина на Порта Македонија по цена од 5.300 евра за 1 метар квадратен. Цената на еден од двата понудени простори ја достигнува цената од 1.563.000 евра за површина од 295 метри квадратни. Во две други понуди се продаваат канцелариски простории во Градски ѕид и во приземје на нова станбена зграда во центарот на Скопје за 1.900 евра, односно 1.500 евра за 1 метар квадратен. Високата цена од 2.000 евра по метар квадратен е присутна и при понудите за продажба на продавници во трговските центри Бисер и Лептокарија.

 

 

Во Прага се нуди поевтин деловен простор од Скопје

 

Вообичаената сума за изнајмување на канцелариски простор во самиот центар на Прага најчесто се движи од 9 до 15 евра за 1 метар квадратен, а во главниот град на Чешка треба да се помачите за да пронајдете поскапа кирија од онаа во Скопје. На пример, канцелариски простор од 102 метри квадратни сместен во близина на најголемиот прашки плоштад Венцеслас се издава за 750 евра месечно, односно 7,35 евра по метар квадратен. Наместена канцеларија од 137 метри квадратни сместена на неколку чекори од Стариот плоштад во Стариот град во Прага се издава за 1.400 евра месечно или околу 10 евра за 1 метар квадратен.

 

 

 

Малопродажен простор во трговските центри во Прага може да се изнајми по помала или идентична цена со онаа за локалите во Скопје. Така, во еден од трговските центри во познатиот Нов град на Прага се издава продавница од 194 метри квадратни за 3.104 евра месечно, односно 16 евра за 1 метар квадратен. Во друга понуда, се изнајмува автентичен чешки ресторан во Стариот град на Прага на површина од 300 метри квадратни за 4.047 евра месечно, односно 13,5 евра по метар квадратен. Во центарот на чешката метропола се нуди и канцелариски простор за продажба, па така канцеларија од 97 метри квадратни во Стариот град на Прага се продава за 188.024 евра или 1.938 евра за 1 метар квадратен.

 

 

 

Сепак, најинтересна е компарацијата на цените на атрактивниот канцелариски простор во Прага и Скопје. Во највисокиот облакодер (City Tower) во Прага и воопшто во Чешка, реконструиран со цел да се понуди канцелариски простор од А – класа, се изнајмуваат канцеларии по цена од 15 до 25 евра за 1 метар квадратен. Во квартот Прага 4, позната околина со највисок раст во изградбата на деловни објекти во чешката престолнина, се нуди канцелариски простор за изнајмување по цена од 8,5 до 16 евра за 1 метар квадратен во новоизградениот комплекс The Park.

 

 

Софија со слични, но сепак со поголема понуда на поевтини цени за деловен простор од Скопје

 

Главниот град на Бугарија нуди речиси исти цени за канцелариски и малопродажен просто како оние во Скопје, со тоа што сепак може да се најде локал во центарот за пониска сума од нашиот главен град. Во центарот на бугарската метропола во старите реконструирани згради може да се изнајми деловен простор и под 5 евра за 1 метар квадратен. Така, канцелариски простор на површина од 419 метри квадратни се издава за 1.500 евра месечно, односно 4,56 евра по метар квадратен. Во друг новоизграден објект во централното подрачје на Софија се нуди канцелариски простор од 300 метри квадратни за 1.800 евра или 6 евра по метар квадратен. Повисока цена достигнува канцеларискиот простор во новоизградените деловни објекти од А – класа, каде вредноста за изнајмување на еден локал достигнува до 20 евра од метар квадратен за месец.

 

 

 

Во центарот на главниот град на Бугарија може да се изнајмат и поевтини продавници од Скопје. На пример, продавница од 450 метри квадратни се изнајмува за 7.000 евра, односно 15,56 евра по метар квадратен, иако истата е сместена во строгиот центар. Луксузна продавница на површина од 190 метри квадратни во комплексот „Жаклин“ на булеварот „Бугарија“ се издава за 3.800 евра месечно, или 20 евра по метар квадратен. Малопродажниот простор достигнува највисока вредност на булеварот „Витоша“, каде 1 метар квадратен корисна површина се нуди по цена од 30 до 60 евра. На околните улици околу овој најпознат софиски булевар се нуди комерцијален простор по цена до 30 евра од метар квадратен.

 

 

 

Во моментов во бугарската метропола се продаваат цели трговски центри и останати комерцијални и деловни објекти кои останаа празни како последица на светската економска криза и енормното градење. Канцеларискиот простор и продавниците во Софија се нудат по цена од 1.000 до 2.000 евра по метар квадратен, иако во новоизграден објект според сите светски стандарди може да се пронајде локал и за сума од 1.500 евра од метар квадратен. Во бизнис центарот „Белисимо“, еден  од повпечатливите нови објекти во бугарската метропола, се продава канцелариски простор од А – класа на површина од 112 метри квадратни за 1.983 евра по метар квадратен.

 

 

Букурешт нуди идентични цени за деловен простор со оние на Скопје

 

Кога станува збор за изнајмување на канцелариски простор, во романската престолнина се нудат цени од 7 до 20 евра за 1 метар квадратен, иако во одделни понуди на романските агенции за недвижности деловен простор од А – класа може да се изнајми и за 12 евра од метар квадратен. Во новоизграден деловен објект во центарот на Букурешт се издава локал за канцеларија на површина од 232 метри квадратни за 12 евра по метар квадратен месечно. Како атрактивна локација се смета и новиот бизнис кварт на романската метропола, каде понудата на канцелариски простор изграден според светските стандарди е најголема. Во еден од објектите од ваков тип се изнајмуваат канцеларии по цена од 12 до 14 евра за 1 метар квадратен.

 

Во однос на продажбата на канцелариски простор, цената на локалите во новоизградените објекти во центарот на Букурешт најчесто се движи помеѓу 1.500 и 2.000 евра од метар квадратен, притоа цените се спуштаат за канцелариите што се нудат во романските населби но и растат над 2.000 евра за оние сместени во објекти во бизнис квартот и во строгиот центар на градот.

 

 

Бојан Блажевски