Претходна статија
Гранит ќе ги обновува локалните патишта низ Македонија
Следна статија
Финишира проектот за реконструкција на МКЦ

Македонија ги обезбеди средствата за изградба на автопатот Демир Капија – Смоквица

Објавено на 20.09.2011 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Македонија денес и официјално ја заокружи финансиската конструкција за изградба на автопатската делница Демир Капија – Смоквица преку потпишувањето на Договорот за заем од страна на министерот за финансии Зоран Ставрески и директорот за транспорт на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) Сју Барет во износ од 107 милиони евра. Од позајмените финансиски средства, 90 милиони евра се наменети за изградба на автопатската делница, а 17 милиони евра се насочуваат за модернизација на постоечките патарини и изградба на четири нови на патниот Коридор 10.

 

Вкупната финансиска конструкција за изградба на автопатската делница Демир Капија – Смоквица изнесува 271 милиони евра. Покрај 90 милиони евра од ЕБОР, 130 милиони евра се обезбедени од Европската инвестициска банка, 45 се ИПА грант на Европската унија и 6 милиони евра се предвидени од Буџетот на Република Македонија. Директорката на Агенцијата за државни патишта Наташа Валкановска изјави дека градежните работи ќе започнат во средината на наредната година и истите ќе завршат за пет години, а модернизацијата на патарините би требало да отпочне во средината на наредната година и да се комплетира за три години. Според вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, на тендерот за изградба на автопатската делница може да учествуваат и домашни компании, но поради објавените правила тоа може да го направат само здружени во конзорциум.

 

Во меѓувреме, тече рокот за поднесување понуди за изградба на оваа делница од патниот Коридор 10, постапка која започна на 30 август и ќе трае до 6 декември. Од надлежните државни институции засега нема информации дали и колку градежни компании досега се пријавиле на меѓународниот тендер.

 

 

Бојан Блажевски