Претходна статија
Меѓународен консултант ќе ги ревидира Чебрен и Галиште
Следна статија
„Бетон“ ја доби зделката за надградба и куполи на Собранието

Комплетирана првата фаза од „Злетовица“

Објавено на 29.12.2009 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Лого: ХС ЗлетовицаДенеска, со завршувањето на изградбата на браната „Кнежево“ е заокружена првата фаза на повеќенаменскиот хидросистем „Злетовица“. Браната е камено-насипна, со висина од 75 и должина на круната од 270 метри, а акумулационото езеро е со вкупен волумен од 23,5 милиони метри кубни. Таа е прва насипна брана во Македонија и пошироко во регионот, во која наместо глинено е вградено асфалтно јадро. Покрај неа, со првата фаза беше опфатена и изградба на пристапен пат во должина од 20 километри и неколку десетици километри цевководи за снабдување со вода на шест општини во источна Македонија: Штип, Свети Николе, Карбинци, Лозово, Пробиштип и Злетово. Проектот беше исфинансиран со поволен кредит од 71,7 милиони евра преку Јапонската банка за меѓународна соработка и 25 милиони евра од буџетот на Република Македонија, а изведувачи беа домашните „Гранит“ и „Бетон“. Со ова е заокружена водоснабдувачката компонента на хидросистемот и долгорочно е решен овој проблем за околу 110 илјади жители на шесте општини. Во зависност од хидролошките услови, полнењето на акумулацијата ќе почне во периодот помеѓу март и мај 2010 и се предвидува да биде полна нејдоцна до крајот на годината.


Наскоро се очекува да се обезбеди и кредит во износ од 36,5 милиони евра за реализација на втората фаза од системот, која ќе овозможи наводнување на околу 3.000 хектари земјоделска површина во пробиштипско и околу 1000 хектари во кратовско. За третата „енергетската“ фаза од хидросистемот, во која се предвидени изградба на три хидроелектрани, Владата ќе обезбеди 19,4 милиони евра. Завршување на третата фаза е предвидено за пет години, а се очекува годишно производство на електрична енергија од 56,4 гигават часови.




Форумска дискусија за овој проект –> овде