Претходна статија
Улицата „Никола Вапцаров“ стана шеталиште за граѓаните
Следна статија
ФОТО ВЕСТ: Свечено отворен Музејскиот комплекс „Македонска борба“

По 3 години градење завршена делницата Табановце – Куманово

Објавено на 08.09.2011 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Во рамките на одбележувањето на 20 – годишнината од осамостојувањето на Република Македонија, вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески денес ја пуштија во употреба автопатската делница Табановце – Куманово во должина од 7,6 километри. Овој сегмент од патниот Коридор 10 се градеше речиси 3 години, иако целокупната изведба претставуваше надградба на постоечката патна инфраструктура и беше предвидено да заврши за една и пол година. Од започнувањето на нејзиното градење на 20 септември 2008 година до денес на оваа делница се појавија бројни проблеми при изградбата, најмногу поради нерешените имотно – правни односи помеѓу сопствениците на земјиштето и државата.

 

 

 

 

Вкупната вредност на автопатската делница Табановце – Куманово изнесува 15,5 милиони евра и ја надмина првичната предвидена вредност на проектот од 720 милиони денари. Автопатот се состои од три коловозни ленти во секоја насока со ширина од 11 метри и средишен дел со ширина од 4 метри, а на истиот има изградено и две клучки – Табановце и Речица. Изведувач на градежните работи беше австриската компанија „Алпине“, а финансиските средства за овој сегмент од Коридор 10 беа обезбедени од Светската банка и од државниот буџет. Со завршувањето на делницата Табановце – Куманово, останува да се изгради уште делницата Демир Капија – Смоквица, долга 28,2 километри, за комплетирање на патниот Коридор 10 низ земјава.

 

» Форумска дискусија за овој проект

 

Бојан Блажевски