Како дел од програмата за одбележување на празникот 8 – ми септември, денес беше пуштен во употреба проширениот и реконструиран булевар „Св.Климент Охридски“ од страна на премиерот Никола Груевски и градоначалникот на Скопје Коце Трајановски. Сообраќајницата доби по уште една нова коловозна лента во секоја насока, за сметка на некогашната средишна пешачка зона на булеварот, така што сега истата има шест коловозни ленти широки по 3,5 метри. Булеварот засега е проширен на потегот од раскрсницата со булеварот „Мито Хаџивасилев Јасмин“ до раскрсницата со булеварот „Партизански одреди“, иако во наредната фаза истиот треба да биде проширен до булеварот „Илинден“, зафат што ќе биде реализиран во текот на наредната година.
Со инвестицијата е поставен нов асфалт долж целиот проширен сегмент на булеварот „Св.Климент Охридски“, поставени се нови семафори на раскрсниците, а булеварот „Партизански одреди“ е проширен со уште една лента во насоката од Карпош кон Центар на раскрсницата со реконструираниот булевар. Покрај сообраќајницата, со овој зафат се реконструирани тротоарите со нови бехатон плочки, а поставена е и нова жардиниера на средината на булеварот широка пет метри. Во рамките на проектот е реконструираната и атмосферската канализација.
Иако булеварот не е целосно проширен според првичната најава, сепак финансиската конструкција за завршениот сегмент нарасна на 37 милиони од првичните 29 милиони денари наменети за проширување на целиот потег до раскрсницата со булеварот „Илинден“. Финансиските средства за овој проект ги обезбеди Градот Скопје, а проширувањето и реконструкцијата на оваа сообраќајница ја вршеше компанијата „Гранит“ од Скопје.
» Форумска дискусија за овој проект
Фото галерија