Претходна статија
Напредува автопатот Куманово-Табановце
Следна статија
Комплетирана првата фаза од „Злетовица“

Меѓународен консултант ќе ги ревидира Чебрен и Галиште

Објавено на 28.12.2009 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Министерството за економија со помош на странска консултантска институција ќе се обиде да ги реши проблемите кои во континуитет се провлекуваат при обидите целосно да се искористи хидропотенцијалот на Црна Река. Се работи за ИФЦ (IFC; International Finance Corporation), која е дел од групацијата на Светската Банка. Владата е решена двата големи проекти, Чебрен и Галиште да ги изгради преку концесионирање. Се планира на концесионерот за одреден период да му биде отстапена и третата хидроелектрана во каскадата, ХЕ Тиквеш. Но досегашните обиди за реализација беа оптоварени со бројни контроверзи и не вродија со плод.


Првиот тендер после големо одолговлекување беше поништен во ноември 2008. Во тек е втор тендер кој беше распишан во декември 2008 и на кој во игра се германско-словенечкиот конзорциум РВЕ и ХСЕ (RWE AG – HSE), австрискиот Фербунд (Verbund) и италјанскиот Енел (Enel S.p.A.). И овој тендер повторно се одвива со проблеми. Последното одложување се случи во октомври годинава, при што по барање на трите заинтересирани инвеститори рокот за доставување на понудите се пролонгираше до април 2010. Според министерот за економија, Фатмир Бесими, самите инвеститори побарале во меѓувреме да се ангажира професионален меѓународен консултант.


#Од своја страна и во македонската стручна јавност се погласни се барањата за преиспитување на предложените проекти за Чебрен и Галиште. Како аргумент во тој правец најчесто се наведува сомнежот во точноста на проекциите за количеството на вода во Црна Река. Од аспект на финансиска исплатливост и од аспект на добро управување со водите, се става под знак прашање оправданоста на висината на предвидените брани. Актуелниот проект предвидува Чебрен да има брана висока 192,5 метри, а Галиште 141,5 метри. Како алтернатива се нуди намалување на висината за Чебрен на 130 метри и за Галиште на 115 метри. Во игра е и уште една, четврта хидроелектрана во каскадата. Се работи за „Скочивир“, која би била прва во низот и чија брана би била висока 40 метри. Има ставови дека со ваков пристап енергетскиот ефект би бил сличен, а инвестицијата би тежела од 350 до 400 милиони евра, наспроти околу 600 милиони евра доколку се задржи сегашниот концепт. Со ова државата би си обезбедила поповолни услови во однос на концесионерот. Исто така, на овој начин би се осигурале доволни количини на вода за сите потреби долж текот на Црна Река, особено за наводнување во Пелагонија.