Во текот на шестмесечниот рок за поднесување документи за легализација на бесправно изградените објекти се доставени 342.794 барања. Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески на вчерашната прес – конференција изјави дека бројките сеуште се сумираат и се во исчекување на испратените барања по пошта до локалните самоуправи низ земјава. Оваа бројка покажува дека огромен процент од дивоградбите низ земјава ќе се легализираат, ако се земе в предвид дека се калкулираше со сума од околу 350.000 бесправно изградени објекти на самиот почеток од донесувањето на овој закон. Засега нема нови информации што ќе се случува со оние објекти кои ќе останат дивоградби во натамошниот период и дали истите ќе се уриваат или ќе подлежат на санкции.
Од вкупно поднесените барања досега се решени 6.200 случаи. Според законските прописи, следната фаза од легализацијата на дивоградбите ќе трае во наредните 6 години и во тој период општините ќе треба да вложат максимален ангажман и голем дел од своите вработени за завршување на процесот на легализација на бесправно изградените објекти. Најголем проблем во понатамошната фаза од имплементацијата на овој закон ќе имаат помалите општини во земјава. Имено, токму тие имаат најмал број вработени, недостаток од финансии во своите буџети и немаат изготвено урбанистички планови за населените места во рамките на нивните општини.
Бојан Блажевски