Министерството за транспорт и врски објави оглас за изготвување техничка документација на ниво на основен и изведбен проект, за магистрални гасоводи групирани во четири пакети. Пакетите се следните (редоследно): Клечовце-Неготино со должина од околу 100 километри, Неготино-Битола исто така со должина од околу 100 километри, Штип-Хамзали со должина од околу 60 километри и Хамзали-Стојаково (граница со Грција) со должина од околу 50 километри. Заинтересираните субјекти можат да ја достават документацијата до 10.02.2010, а потоа следува рок од една година за изработка на проектот.
Инаку како приоритетни оски на гасификација на државата се зацртани Клечовце-Неготино-Битола и Скопје-Тетово-Гостивар. Се проценува дека реализацијта на првата ќе чини 74 милиони евра, а на втората 30 милиони евра. Независно од овој проект на владата, локалната самоуправа во Струмица најави брза гасификација на струмичкиот регион – до октомври 2010. Би се изградила локална гасоводна мрежа во должина од 12.150 метри, а со специјални камиони би се транспортирал компримиран природен гас од Петрич (Бугарија) до две локални станици за декомпресија. Оваа инвестиција се проценува на 4,5 милиони евра, средства кои би биле обезбедени со задолжување на Општината од Светска банка.