На помалку од една недела од истекувањето на рокот за поднесување на барање за легализација на бесправно изградените објекти, се парват нови усилби за дополнително мотивирање на граѓаните во што поголем број да ја искористат законската можност. Министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, при денешната посета на Валандово изјави дека социјално загрозените семејства ќе бидат ослободени од плаќање комунален надоместок, односно дека одредбите за плаќање едно евро по метар квадратен нелегално изграден простор нема да важат за оваа категорија граѓани.
Законот за легализација на бесправно изградените објекти и покрај бројните погодности и едноставната процедура за поднесување на барање, не ги постигна очекуваните ефекти. Досега се поднесени околу 150 илјади барања, а проценките говорат дека во државава има над 300 илјади вакви објекти. Надлежните сепак цврсто стојат на ставот дека продолжување на рокот нема да има. Најнова потврда на овој став пристигна од Градоначалникот на Скопје и претседател на Заедницата на единици на локална самоуправа, Коце Трајановски, кој изјави дека воопшто не се размислува во правец на поместување на рокот и дека тоа би значело неуспех за законот. Надлежните континуирано потсетуваат дека во оваа фаза на процесот е доволно да се поднесе само формално барање за легализација, а комплетирањето на документацијата ќе може да се направи во текот на наредните шест години.