Претходна статија
Во Куманово ќе се гради затворен базен
Следна статија
Потврдена подршката од Светската банка за Луково Поле

ТЕМА: Македонија на дното според новите километри автопат во 2011 година

Објавено на 25.09.2011 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Македонија оваа година пушти во употреба само 7,5 километри нов автопат, односно делницата помеѓу Куманово и Табановце која се градеше рекордни 3 години. Со Црна Гора и Босна и Херцеговина зад нас, Македонија е на дното на балканските држави според новите километри автопат пуштени за користење во текот на 2011 година. Пред нас се Бугарија, Романија, Србија, Албанија, Косово и Хрватска, кои оваа година ќе отворат неколку делници за побрз и поквалитетен транспорт.

 

Според информациите на претпријатието „Коридори Србије“, во Србија оваа година се очекува да се пуштат за користење 98 километри автопат на северниот крак на Коридор 10, од Нови Сад кон границата со Унгарија. Најпрвин беше завршена делницата помеѓу Србобран и Сириг во должина од 13 километри, а на 15 јули беше пуштен во употреба и делот од Хоргош до Биково во должина од 28 километри. Кон крајот на јули беше отворена делницата од Жедник до Бачка Топола во должина од 12 километри, а до крајот на годината се очекува да бидат завршени и пуштени автопатските делници помеѓу Бачка Топола и Фекетиќ во должина од 21 километар, од Фекетиќ до Србобран во должина од 14 километри и сегментот на север до Келебија на самата српско – унгарска граница. Покрај овој сегмент од автопатот на Коридор 10, во моментов се работи и на неговиот јужен крак помеѓу Ниш и Прешево, источниот крак помеѓу Ниш и Димитровград, автопатскиот Коридорот 11 кон Бар и обиколницата околу Белград.

 

Веднаш зад Србија е Романија, која за 2011 година планираше да отвори 105 километри автопат, иако последните информации говорат дека цифрата е намалена на 88 километри. На 29 јули беше отворен за користење дел од автопатот А2 помеѓу Мурфатлар и Констанца во должина од 21 километар и 7 километри долгиот крак на автопатот А4 помеѓу Констанца и селото Лазу. До крајот на 2011 година во Романија ќе се пушти во употреба делницата помеѓу градовите Овидиу и Констанца со цел автопатски да се поврзат приморските градови Констанца и Варна, а планирано е да се отвори и автопатот помеѓу Темишвар и Арад во должина од 44 километри.

 

Пред нашата земја се најде и Бугарија, која на 15 мај 2011 година го отвори 19 километри долгиот автопат „Лулин“ од Софија до Даскалово во насока кон Перник. Во октомври 2010 година, на отворањето на 31 километри долгата делница од автопатот помеѓу Пловдив и Капетан Андреево, бугарскиот премиер Бојко Борисов вети дека Бугарија ќе пушта во употреба по 60 километри автопат секоја наредна година.

 

Наспроти нашиот источен сосед, Хрватска нема да успее да ги оствари првичните очекувања за оваа година во однос на автопатското поврзување на земјата. По повод 30 години од почетокот на изградбата на автопатишта во Хрватска, во 2011 година се очекуваше да се отворат 68 километри нови автопати. Сепак, последните информации од документите на претпријатието за изградба и оддржување на автопати „Хрватске аутоцесте“ говорат дека во 2011 година ќе се пуштат во употреба 22 километри автопат, и тоа делницата Јакушевац – Велика Горица на автопатот Загреб – Сисак и делниците Равча – Вргорац и Метковиќ – босанска граница на автопатот Сплит – Плоче – Дубровник.

 

Бавното планирање и изградба придонесе Македонија да биде поставена зад Албанија и Косово во однос на бројот на изградени километри автопат во 2011 година. Автопатот помеѓу Валона и Левен во должина од 24 километри е веќе пуштен за користење, а отпочнаа и градежните активности околу автопатското поврзување на Тирана и Елбасан со обезбедени финансиски средства од Исламската банка за развој. И Косово во 2011 година ќе пушти 34 километри од автопатот кој ја поврзува оваа држава со Албанија. Според информациите на конзорциумот „Бехтел Енка“, до октомври треба да биде изградена првата делница од овој автопат, кој од албанската граница до Мердаре поминува низ градовите Призрен и Приштина.

 

Збирните информации од балканските држави и споредбата со остварувањата во Македонија покажуваат дека 2011 година повторно ќе помине без поголем број изградени километри автопат, а причините за таквиот неславен резултат треба да се бараат првенствено во земјава и нејзините институции.

 

 

Бојан Блажевски