Претходна статија
Булеварот Илинден ќе се проширува до бензинската пумпа на Макпетрол
Следна статија
Во јуни се граделе помалку објекти, но со поголема вредност

Легализацијата на дивоградбите се одвива со различно темпо по градовите

Објавено на 05.08.2011 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

На еден месец до крајниот рок за поднесување на барања, легализацијата на бесправно изградените објекти се одвива со различно темпо во градовите низ Македонија. Со неколку илјади поднесени барања предничат Прилеп, Штип и Куманово, наспроти Гостивар, Кочани и Гевгелија во кои се поднесени неколку стотини апликации досега. Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески пред повеќе од 10 дена информираше дека се поднесени 55.000 барања за легализација на дивоградбите, но се очекува нивниот број забрзано да се зголемува во последниот месец поради фактот што преостануваат уште околу 300.000 граѓани кои сеуште не се решиле да ги поднесат документите.

 

До денешен ден во Куманово се поднесени 4.000 апликации на граѓаните кои сакаат да го решат деценискиот проблем со бесправно изградените објекти, додека над 3.000 граѓани од Штип досега поднеле барање за да го легализираат сопствениот објект. Локалните власти на Гостивар на општинскиот интернет – портал денес објавија дека ќе се формираат дополнителни комисии за легализација, а до денешен ден се поднесени само 900 барања од граѓаните.

 

Слично на гостиварската општина, во Гевгелија до Одделението за урбанизам досега се поднесени 700 апликации од страна на граѓаните, а од друга страна се легализирани 183 објекти. И во Кочани до пред неколку денови се поднесени 635 барања за легализација на објектите, а издадени се 207 одобренија за бесправните објекти.

 

Збирните резултати од општинските портали на македонските градови покажуваат дека процесот на легализација на бесправно изградените објекти допрва ќе добие на масовност. Граѓаните повторно го чекаат последниот ден за да си го остварат сопственото право, а крајниот рок за поднесување на апликациите за легализација на дивоградбите е 3 септември. Со донесениот закон граѓаните може да го решат горливиот децениски проблем по цена од 1 евро за метар квадратен со поднесување на барање, геодетски елаборат, доказ за приклучок на комуналната инфраструктура и уверение за државјанство или копија од лична карта.

 

»Форумска дискусија за легализација на дивоградбите

 

 

Бојан Блажевски