Македонски железници – Инфраструктура го објави тендерот за реконструкција на делниците Табановце – Карпош, Карпош – Куманово и Миравци – Смоквица кои се дел од пругата на Коридорот 10, а истиот е поставен на интернет страницата на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Финансиските средства за поправка на овие делници се обезбедени од заемот на ЕБОР во износ од 17,6 милиони евра. Крајниот рок за доставување на понудите на тендерот е 26 септември 2011 година. Со тендерот е предвидено да се обноват околу 24 километри железничка пруга на Коридорот 10.
Заемот од ЕБОР на државава и беше доделен минатата година, а Собранието на Република Македонија го одобри на 15 септември 2010 година. Планирано е вкупно да се обноват 53 километри од македонскиот дел на железничкиот Коридор 10, а крајниот рок за завршување на реконструкцијата е 1 мај 2014 година. Заемот ќе се отплаќа во период од 15 години со 3 години грејс – период.
Во меѓувреме, интернет – порталот „Плусинфо“ денес објави дека ЕБОР размислува да и додели на Македонија кредит од 44 милиони евра за обнова и изградба на делницата од Куманово до село Бељаковце на Коридорот 8 во должина од 30,8 километри. Оваа делница од Коридорот 8 во моментов е неупотреблива, иако пред почетокот на изградбата на пругата кон Бугарија на неа сообраќаше редовен железнички сообраќај.
Бојан Блажевски