Претходна статија
Нов далновод во Зелениково
Следна статија
Казни за граѓаните кои нема да ги легализираат дивоградбите

Зонското паркирање профункционира во Куманово

Објавено на 21.07.2011 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Јавното претпријатие „Куманово паркинг“ го отпочна проектот за зонско паркирање во Куманово со обезбедени 400 паркинг места во првата зона А. За користење на услугата се наплаќа 30 денари од час со ограничување на закупот на паркинг од 2 часа во строгиот центар на градот. На граѓаните кои нема да ги почитуваат прописите за зонско паркирање ќе им бидат подигнувани автомобилите од страна на пајак – службата на „Куманово паркинг“.

 

Општинските советници од Куманово на последната седница ги допрецизираа цените за паркирање на автомобили во централното градско подрачје, па така граѓаните кои живеат во центарот на градот и кои ќе го отстапат сопственото место на „Куманово паркинг“ ќе добијат повластена месечна цена за користење на оваа услуга во износ од 375 денари. Граѓаните кои живеат во рамките на зона А и немаат сопствен паркинг плаќаат сума од 500 денари за месечна карта, додека за правните субјекти се наплаќаат 2.000 денари за месечно користење на паркинг место. За останатите граѓани се наплаќа месечен билет во износ од 3.900 денари, а за правните субјекти цената изнесува 5.500 денари. Тарифникот на Ј.П. „Куманово паркинг“ ја предвидува и можноста од годишен закуп на едно паркинг место за 75.000 денари.

 

Кумановската локална самоуправа смета дека со воведувањето на зонско паркирање и високите цени за користење на услугата конечно ќе се реши проблемот со недостиг на паркиралишта во центарот на градот и ќе се намали непотребната употреба на автомобили на мали релации од страна на граѓаните. Градските власти во иднина планираат сите забелешки и недоследности од почетокот на работењето на зонското паркирање да ги поправат во интерес на подобро функционирање на проектот.

 

 

Бојан Блажевски