Претходна статија
Нов објект во Дебар Маало
Следна статија
ОСВРТ: Јавен велосипедски систем сеуште не постои во Скопје

Летото останува омилен период на општинарите за носење нови урбанистички планови

Објавено на 15.07.2011 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Вчера советниците на Општините Центар и Кисела Вода разгледуваа вкупно осум Детални урбанистички планови. Општинарите од Центар ги усвоија нацрт ДУП-овите за Маџир Маало, Градскиот парк и Буњаковец 1. Со планот за Маџир Маало се предвидува трансформација на просторот во станбена населба со колективни згради со катност П+5 и максимална висина од 20 метри. Исто така е предвидена изградба на еден верски објект во внатрешноста на населбата, како и комерцијален објект со повеќе намени на аголот помеѓу улицата Никола Карев и булеварот Кузман Јосифовски – Питу. Булеварот Крушевска Република засега останува во планот, барем до донесувањето на новиот ГУП со кој треба да биде решена судбината на оваа клучна сообраќајница во примарната сообраќајна мрежа на Скопје.

 

Во ДУП-от за Градскиот парк, најмногу реакции предизвикува  маркичката за катна гаража која е вцртана долж булеварот Илинден, на просторот кој сега го заземаат бараките на градската администрација. Планот предвидува дел од површината на објектот кој би бил висок седум метри, да може да биде искористена и за други намени.

 

Од Општината ги отфрлаат обвинувањата дека веќе традиционално контроверзните ДУП-ови ги туркаат во летниот период, но не прецизираа кога планираат да ја спроведат јавната анкета. Плановите засега не се објавени ниту на општинскиот веб сајт, во делот „Урбанистички планови за кои е отпочната процедура за донесување“.

 

И Советниците на Општина Кисела Вода во сличен манир на вчерашната 32-ра седница расправаа за ДУП Пржино 1, дел од урбан дел 2 и дел од урбан дел 3, ДУП Расадник – блокови 1,2,3 и 5, ДУП Кисела Вода М.З. 70 – локалитет 1 дел од блок 4,  ДУП 11-ти Октомври 2 – локалитет „Бензинска пумпа“, како и ДУП дел од М.З. 11-ти Октомври 2 (југоисточна индустриска зона), блок А – М1.