Времетраењето на патување со воз од Скопје кон Белград и Приштина полека се приближува кон првичните поаѓања на патничките возови со изградбата на пругите кон овие два града кон крајот на 19 – тиот век. Композициите „Хелас експрес“ и „Олимпус“ го минуваат растојанието помеѓу Скопје и Белград за неверојатни 9 часа и 37 минути според важечкиот возен ред за 2011 година на Македонски железници – транспорт, а во оваа минутажа не влегуваат доцнењата на возовите кои претставуваат честа пракса на која се жалат патниците. За споредба, деловниот воз на релацијата Скопје – Белград – Скопје во 1989 година ја минувал истата релација за 3 часа пократко од денешните експресни возови.
За разлика од нас денес, нашите дедовци и прадедовци во минатото ја имале привилегијата да патуваат побрзо кон Белград и Приштина со тогашните експресни возови. Возниот ред на Југословенските државни железници од 1937 година предвидувал поаѓања на два експресни возови од Скопје во 13:14 часот и 20:25 часот кои пристигнувале во Белград во 22:40 часот, односно во 6:30 часот. На легендарниот „Ориент експрес“ во 1937 година му требале 9 часа и 20 минути да ја помине трасата од Белград до Скопје како дел од долгото патување од Париз до Атина, а на интерсити возот „Олимпус“ во 2011 година му се потребни 9 часа и 17 минути за да ја помине истата дестинација, и тоа без вклученото редовно доцнење на возот.
Слично на 1937 година, возниот ред на Југословенските железници за 1957 година предвидел побрзи возови помеѓу главните градови на Македонија и Србија. Од Скопје кон Белград тогаш сообраќале меѓународни експресни возови кои поаѓале од Скопје во 12:42 часот и во 22:50 часот, а во Белград пристигнувале во 21:40 часот, односно во 8:20 часот. Пред повеќе од половина век возовите патувале побрзо и од Белград кон Скопје, па така утринскиот експресен воз го минувал растојанието за 8 часа и 47 минути, додека ноќниот воз патувал 9 часа и 30 минути.
Во возниот ред од 1965 година е вметнат возот „Австрија експрес“ кој од Скопје поаѓал во 22:31 часот, а во Белград пристигнувал во 5:28 часот, што е за повеќе од 2 часа побрзо отколку денес. Најфрапантни се податоците за времето на патување со воз во периодот на 70 – тите и 80 – тите години на минатиот век споредено со денешниот важечки возен ред на Македонски железници. „Атина експрес“ во 1979 година ја минувала трасата помеѓу Белград и Скопје за 7 часа и 15 минути, додека деловниот воз „Скопје експрес“ поаѓал од Белград во 14:20 часот, а во Скопје пристигнувал во 21:22 часот, односно за 7 часа и 2 минути.
Во споредба со сегашната состојба со брзината на меѓународните возови, возниот ред од 1989 година претставува невозможна мисија за Македонските и Српските железници. „Скопје експрес“ поаѓал од главниот град на земјава во 14:15 часот, а во Белград пристигнувал во 21:03 часот, односно за 6 часа и 48 минути. Ноќниот „Охрид експрес“ ја минувал истата траса за 7 часа и 18 минути како дел од патувањето помеѓу Битола и Љубљана кои биле крајни дестинации на овој воз.
Состојбата со возниот ред на меѓународните возови во 2011 година е повеќе од очајна. Дневниот воз „Олимпус“ поаѓа од Скопје во 9:05 часот и истиот пристигнува во Белград во 18:05 часот, а од главниот град на Србија поаѓа во 7:50 часот и пристигнува во македонската метропола во 17:07 часот. Ноќниот воз „Хелас експрес“ поаѓа од главниот град на Македонија во 20:45 часот, а во Белград пристигнува во 6:02 часот, додека во спротивна насока истата композиција патува со времетраење од 9 часа и 37 минути, тргнувајќи од Белград во 21:15 часот и доаѓајќи во Скопје во 6:52 часот. И покрај ваквиот возен ред, композициите често доцнат и по неколку часови на крајните дестинации.
Слично како и кон Белград, и кон Приштина македонските возови патуваат со неверојатно долго времетраење. Според важечкиот возен ред, брзиот воз од Скопје поаѓа во 16:35 часот, за истиот во Приштина да пристигне во 19:37 часот. Наспроти денешното 3 часовно патување, меѓународниот воз „Акрополис“ во 1989 година ја минувал идентичната релација за само 1 час и 40 минути.
Постојат повеќе причини за екстремно долгото патување на меѓународните возови кои поаѓаат од Скопје. Неколку децении старата и необновена пруга на Коридорот 10 е главниот фактор за ваквата негативна состојба. Возовите помеѓу Скопје и Белград минуваат по железничка траса на која постојат бројни ограничувања на брзината на возовите, при што моменталната состојба на српската и косовската железничка инфраструктура е особено очајна. Значајна причина која ги забавува меѓународните возови е и двојната гранична контрола помеѓу Македонија, Србија и Косово, како и промената на локомотивите со преминувањето на границата, при што овие формалности додаваат значителна минутажа на времето на патување.
Единствениот спас за надминување на ваквата состојба е предвидениот кредит од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) со кој ќе се реконструираат 165 километри од железничкиот Коридор 10 во Македонија и Србија, а истата банкарска институција неодамна на Србија и додели дополнителни 200 милиони евра за поопсежна реконструкција на железничката пруга од Коридорот 10.
Бојан Блажевски