Со денешната промоција на унифицираните ознаки за авто такси превозниците, стартуваше реализацијата на новата организација на овој вид превоз, утврдена со Одлуката за авто такси дејност на подрачјето на град Скопје, донесена во октомври минатата година.
Такси превозниците ќе бидат унифицирани во надворешното обележување, како и во информациите поставени во внатрешноста на возилата. Секое возило ќе добие табла со натпис „TAXI“ и број од изводот од лиценцата, издадена од Град Скопје. Возилата ќе бидат видно обележани и со надолжни налепници, изработени од ретрорефлектирачка фолија, заштитена од фалсификување со холограм. Во внатрешниот дел на секое возило задолжително е поставување на извод од лиценцата, легитимација на возачот и тарифа за наплата. Овие информации со унифицирани димензии ќе се поставуваат на пропишани јасно воочливи места за патниците, во предниот дел на возилото.
Ознаките за унифицирање се бесплатни за лиценцираните таксисти. Градот за нивна изработка издвои 5,8 милиони денари, од кои 3,8 милиони за таблите и 2 милиони за налепниците. Градот исто така досега уреди 90 такси стојалишта и до крајот на септември ќе бидат уредени уште 45, со што ќе се обезбедат услови на нив да се стационираат околу 720 возила. Досега се издадени лиценци за 950 такси возила, а превидени се 3.000.
Со унификацијата се очекува да се стави ред во такси превозот во главниот град. Од утре се најавуваат засилени инспекциски контроли за доследно спроведување на Одлуката за авто такси дејност.
Форумска дискусија за такси превозот во Македонија » овде
*Фотографиите се преземени од интернет – порталот на Град Скопје