Старите споменици во централното градско подрачје на Скопје се заборавени и воопшто не се оддржуваат од страна на градската и општинската власт. Искршени, украдени, извадени, ишкртани, неуредени или нечисти се бројни споменици, бисти на народни херои, скулптури и спомен – плочи во слава на Народно – ослободителната борба (НОБ) во центарот на градот. Во слична состојба се и дел од скулптурите поставени во 2009 година во строгиот центар на градот.
Зачуваноста на спомениците и скулптурите е најлоша во Градскиот парк, каде мнозинството обележја се уништени од страна на посетителите на паркот. Отстранети се бистите на Коле Неделковски, Никола Вапцаров, Кочо Рацин, Крсте П. Мисирков, Цветан Димов и Орце Николов, а постаментите на дел од нив се ишкртани со спрејови. Екипата на порталот „Билд“ забележа дека скулптурата „Девојче“ на авторката Грозданка Каникова, првично поставена во 2009 година кај семафорите на „Рекорд“, е најоштетена во паркот од страна на несовесните граѓани.
На плоштадот „Македонија“ се оштетени скулптурите „Заљубени“ на уметникот Димитар Филиповски и „Човек дрво“ на Антони Мазневски кои беа дел од проектот на Министерството за култура за поставување скулптури од македонски автори во централното градско подрачје. Во паркот „Жена борец“ не работи и е ишкртана фонтаната во спомен на Невена Георгиевска – Дуња, додека Фонтаната во спомен на децата бегалци е делумно обновена по неодамнешната реакција на медиумите.
Во строгото централно подрачје забележителен е и заборавот на спомениците и скулптурите во чест на УРС – овите синдикати, Периша Савелиќ, Душко Поповиќ и на други жртви на окупацијата и тортурата на македонскиот народ. Градските и општинските власти изгледа дека и нив ги заборавија во моментите на задоволство и среќа од поставувањето на новите споменици на плоштадот „Македонија“.
Бојан Блажевски