Претходна статија
ОСВРТ: Кога ќе влезат приватни железнички оператори во Македонија?
Следна статија
ОСВРТ: Такси - превозот во Скопје најнесреден во Европа

Македонските патници остануваат без летните возови

Објавено на 11.06.2011 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#Интернет – порталот на српските железници објави дека се укинува летниот туристички воз на релација Ниш – Бар – Ниш, а со тоа македонските патници остануваат без ниту една можност за патување со воз кон летните туристички дестинации. Во февруари годинава еднострано од грчките железници беа укинати и експресните возови кон Солун, а последните информации говорат дека истите нема да сообраќаат и во текот на летото.

 

Брзиот воз на релација Скопје – Ниш – Бар – Скопје сообраќа веќе неколку децении наназад во текот на летниот период. Според возниот ред на Македонски железници за 2011 година, истиот требаше секојдневно да поаѓа од Скопје во 14:52 часот со кушет и спални вагони за Сутоморе и Бар и патнички вагони за Ниш. Брзиот воз од Бар кон Скопје требаше секојдневно да поаѓа во 18:00 часот. Укинувањето на возот на релацијата Ниш – Бар – Ниш значи укинување и на овој популарен воз во летниот период.

 

По укинувањето на дел од меѓународните возови, Македонија е речиси целосно изолирана земја. Во моментов сообраќаат единствено возови кон Белград и Приштина. Единствена врска за македонските туристи во летниот период останува кушет – вагонот за Бургас кој ќе поаѓа еднаш неделно од Скопје и од Бургас. Со укинувањето на возовите кон Солун укинат е и туристичкиот воз „Меридијан експрес“, кој во летните месеци сообраќаше директно преку Скопје до Прага, Будимпешта, Братислава, Киев и Москва.

 

Бројот на граѓани кои патуваат со воз кон странски дестинации континуирано опаѓа во последниве години. Податоците на Државниот завод за статистика се исклучително негативни кога станува збор за бројот на патници во меѓународниот железнички сообраќај. Во првите три месеци на 2011 година превезени се 3.000 патници на меѓународните релации, што претставува намалување за 25% во однос на првото тримесечје од 2010 година. Укинувањето на меѓународните возови кон Бар, Будимпешта, Прага, Братислава, Киев, Москва и кон Солун ќе го намали и така незначителниот број патници кои го користат возот за патување кон странство.

 

 

Бојан Блажевски