Претходна статија
Македонските патници остануваат без летните возови
Следна статија
Александар Велики пристигна на Плоштад Македонија

ОСВРТ: Такси – превозот во Скопје најнесреден во Европа

Објавено на 12.06.2011 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Диви таксисти, неунифицирани возила, раскарани комори на таксисти, шаренило од цени, стари возила, недоволен број на такси – паркиралишта и непочитување на правилата  се само дел од мозаикот на хаотичната состојба во која се наоѓа такси – превозот во Скопје. Поминаа месеци и години наназад во најави и ветувања за средување на проблемот со овој вид сообраќај во главниот град.

 

#Последното ветување на градските власти е дека сите легални таксисти ќе добијат добијат налепници и бесплатни табли, со што истите ќе се препознаваат како легални такси – возила. Согласно со одлуката за регулирање на такси – превозот, скопските таксисти ќе треба да се унифицираат во бело – жолта боја. Иницијативата на Град Скопје претставува увертира во решавањето на хаосот со овој вид превоз во главниот град и времето ќе покаже дали истата ќе биде прифатена од поголем број на легални такси – здруженија. За жал,  во минатото секоја одлука на градските власти во насока на решавање на проблемите беше негативно дочекана од одредени такси – здруженија во градот.

 

Токму бројноста на такси – коморите во Скопје претставува реалност која не може да се сретне во ниту една друга метропола. Скопските таксисти го имаат проблемот со постоењето на неколку такси здруженија, односно групации на превозници. Во моментов во Скопје постојат четири комори, здруженија, групации и синдикати пополнети со членови на различни такси – компании. Нивниот број и несогласувањата меѓу себе ја доведуваат под знак прашање секоја одлука на градоначалникот и на Советот на Град Скопје.

 

За разлика од Скопје, во Загреб постои единствена комора на таксистите, Радио такси Загреб – Здружение на автотакси превозници на Градот Загреб, во која членуваат сите легални такси – компании во градот. И во Белград постои единствена групација на легалните такси – превозници СИТАБ, чии моментални главни заложби се обединување на сите такси – компании на државно ниво во Србија и претворање на асоцијацијата во акционерско друштво на такси – компаниите.

 

Покрај неорганизираноста на самите таксисти, голем проблем во Скопје преставува и енормниот број на такси – возила, кој е присутен како кај легалните такси – компании, така и кај дивите таксисти. Во моментов никој не ја знае точната бројка на таксисти кои сообраќаат по градските улици, иако неофицијалната бројка говори дека постојат околу 3.000 легални превозници и уште 3.000 диви такси – возила. Плановите на градските власти се бројот на легални таксисти да се заокружи на 3.000 возила, што е премногу доколку се направи компарација со главните градови од соседните балкански држави.

 

За споредба, во Загреб, град кој има поголем број на жители и значително поголем животен стандард, во моментов има 1.030 таксисти. Во Белград, град кој е неколку пати поголем од Скопје, во моментов сообраќаат 7.600 таксисти, а планот на комората на таксисти и на градот е нивниот број да се намали на околу 5.000 превозници. Во Подгорица во моментов сообраќаат 855 такси – возила, но заложбите на градските власти се бројот на таксисти да се намали на 755 превозници.

 

Како дополнителен проблем со такси – превозот во Скопје се јавува непочитувањето на стриктните правила за означување и унифицирање на возилата со кои се врши превоз на патници. Скопските таксисти имаат различна боја карактеристична за секоја такси – компанија, а најчесто и во рамките на една компанија не постои унифициран изглед на возилата. Автомобилите немаат официјална ознака на градот Скопје, а само мал дел од нив ја истакнуваат лиценцата за работа на видливо место. Идентичната цена за такси – услугата претставува енигма за дивите такси – превозници, а најголем дел од легалните таксисти сеуште немаат фискална каса и GPS уред.

 

За разлика од Скопје, на официјалниот сајт на Градот Белград се истакнати правилата кои треба да ги исполнуваат белградските таксисти. Секој автомобил мора да има најмногу 5 седишта, најмалку 4 врати, таксиметар и апарат за издавање на сметки, единствен знак на таксистите во Белград, поставен важечки ценовник и идентификациска карта на возачот на видливо место во возилото.

 

Огромните и бројни проблеми со кои се соочува го претставуваат такси – превозот во Скопје како најнесреден во Европа. Споредбата со околните главни градови од регионот покажува дека состојбата може да се доведе во нормални рамки, доколку градските власти и такси – здруженијата пронајдат желба, волја и свест за решавање на долгогодишното најгорливо прашање во сообраќајот на главниот град.

 

Форумска дискусија за такси превозот во Македонија » овде

 

 

 

Бојан Блажевски