Од денеска до 6 јуни ќе трае „Скопска недела на архитектурата 2011“, интернационална манифестација која меѓудругото опфаќа предавања, изложби, омаж на Богдан Богдановиќ, дебати со бројните странските гости, студентски работилници (со 7 интернационални факултети и 50 студенти), филмска програма и музика.
Настанот го обележува урбаното живеење, архитектурата во еден поширок социолошки контекст на синергија на градот и луѓето во него, уметноста и дизајнот. Целната група не е ограничена само на архитектонската фела, туку ги опфаќа сите граѓани. Амбиција на организаторите е манифестацијата да го постави Скопје на мапата на значајни архитектонски и културни центри во регионот и пошироко.
„Скопска недела на архитектурата 2011“ се одржува во просториите на Домот на АРМ како и на платото пред Домот на АРМ. Целодневната програма почнува во 11 и трае до 21 часот, после што до 1 часот следува дружење и забава на посетителите.