Советот на Општина Прилеп на последната седница одржана на 13.05.2011 го усвои новиот Генерален урбанистички план на градот, кој има важност од 10 години. Големината на опфатот на новиот ГУП изнесува 1928,8 хектари и е поголем за околу 400 хектари од претходниот плански опфат.
Најголем дел од проширувањето се однесува на работните зони (индустрија, сервиси, стоваришта) и просторот за домување. Со претходниот ГУП беа предвидени 405,7 хектари за работни зони, додека со новиот се предвидени 597,8 хектари, што претставува зголемување од речиси 50%. Овие зони се сконцентрирани воглавно околу патните правци Р-513 (кон Македонски Брод) и Р-106 (стариот пат кон Битола). На местото на оранжериите на поранешниот ЗИК „Прилеп“ е предвидено домување во семејни куќи со висок стандард на живеење. Овој простор ќе претставува логично продолжување на веќе постојната „Типска населба“. ГУП-от предвидува и нови колективни станбени објекти.
Изработката на новиот ГУП траеше две години и чинеше околу 5 милиони денари. Локалната самоуправа наскоро најави поставување на 3Д – верзија на планот на својот интернет сајт.