Ниту влез на приватни железнички компании, ниту приватизација на Македонски Железници – Транспорт. Веќе неколку години државата најавува влегување на свеж приватен капитал во железничкиот сообраќај во Македонија, но досега ниту една инвестиција не се реализирала. Последните измени во законската легислатива предвидуваат либерализација на железничкиот транспорт од почетокот на 2012 година.
Делта Реил Карго и Елинг беа првите две приватни компании заинтересирани за почнување на бизнис со товарен железнички транспорт во март и во октомври минатата година. Министерството за транспорт и врски ги одби поради неусполнување на условите за вршење на услуги пропишани со законот за железници. Оттогаш до денес ниту една друга компанија не се заинтересирала за организирање на товарен и патнички железнички сообраќај во земјава.
Во меѓувреме, се јавуваат дилемите дали е потребен влез на приватна железничка компанија или е потребно приватизирање на јавното претпријатие Македонски железници – Транспорт. Искуствата од соседните држави даваат позитивни и негативни примери од влезот на приватен капитал во железничкиот сектор. Во Грција, Албанија, Косово, Црна Гора, Молдавија, БиХ и Хрватска состојбата е идентична како онаа во нашата земја. Железничкиот сообраќај во овие земји го врши компанија во државна или јавна сопственост која има монопол во превозот на стока и патници.
Најдалеку во трансформацијата на државниот железнички оператор отиде Црна Гора која изврши поделба на монополот на три претпријатија во државна сопственост: Железничка Инфраструктура на Црна Гора, Железнички превоз на Црна Гора која го опфаќа патничкиот сообраќај и Монтекарго која стопанисува со товарниот сообраќај. Слична трансформација на државниот капитал е планирана во Србија и Бугарија, а обемни промени се подготвуваат и во Грција.
Приватните железнички компании кои одамна сообраќаат во западноевропските држави се реткост на Балканскиот полуостров. Во Словенија и во Србија постои по еден приватен железнички оператор. Адриа Транспорт е приватен железнички оператор кој е специјализиран за превоз на товар помеѓу пристаништето во Копер и Австрија. Компанијата е заедничка инвестиција на пристаништето во Копер, неговиот оператор и австриската приватна железничка компанија GKB. Наспроти Словенија, Комбиновани превоз е компанија за превоз на товар со железница во Србија, кој во моментов соработува со најголемите српски комбинати: Рафинерија Панчево, Петрохемија Панчево и US Steel Србија.
Значително поголем број приватни компании за превоз на товар и стока со железница има во Бугарија и во Романија, каде и железничката инфраструктура е значително поголема. Во моментов во Бугарија сообраќаат четири приватни железнички оператори: Bulgarian Railway Company (BRC), Bulmarket, DB Schenker Rail Bulgaria и Unitranscom. Списанието RailwayPro пресметало дека 10 – 15% од целокупниот товарен железнички транспорт во Бугарија се врши од страна на приватните компании со тенденција на натамошен раст и губење на пазарот од страна на Бугарските државни железници. Два од постоечките оператори се основани од романски компании, па така Bulgarian Railway Company претставува сегмент од големата романска компанија Grup Feroviar Român (GFR) и истата претставува прв приватен железнички оператор во Бугарија основан во април 2005 година.
Лидер на Балканот, кога станува збор за приватни железнички оператори, е Романија. Помеѓу 15 и 30 приватни железнички оператори во товарниот и во патничкиот сообраќај сообраќаат на околу 12.000 километри отворена железничка пруга во Романија. Компанијата GFR е најголемиот приватен железнички превозник во Романија и е една од најголемите приватни железнички оператори во Источна Европа со сопствени компании во Унгарија, Бугарија, Молдавија, Украина и Србија. Финансискиот извештај покажува дека претпријатието во 2010 година остварило добивка од 115 милиони евра, а во неговиот возен парк се вбројуваат 160 локомотиви и 6.200 вагони. Во Романија постојат приватни железнички оператори и во патничкиот сообраќај, па така помеѓу одредени градови во Романија сообраќаат по неколку железнички оператори. Regio Trans е најголемата приватна компанија во патничкиот сообраќај, која своите услуги ги нуди помеѓу градовите во Трансилванија.
Искуството од соседните балкански земји укажува дека приватниот капитал во железничкиот сообраќај влегува најпрвин преку приватни железнички оператори, кои со мал број локомотиви и вагони влегуваат како конкуренција во товарниот сообраќај. Имајќи го во предвид фактот дека големите европски железнички компании не се заинтересирани за влез во превозот на стоки и патници на Балканскиот полуостров, Македонија ќе треба да го бара приватниот оператор од големите македонски компании или од балканските поголеми железнички компании.
Приватизацијата на државната железничка компанија, со цел за влез на приватен капитал во овој сектор, претставува потег кој не е преземен од ниту една држава во регионот и пошироко во Европа. Приватизацијата на Македонски Железници – Транспорт може единствено да го претвори државниот монопол во приватен монопол, што ќе доведе до севкупно влошување на состојбата во оваа област и укинување на патничкиот сообраќај. Сепак, реформите кои се спроведуваат во соседството и во Европа укажуваат дека е потребна натамошна поделба на Македонски Железници – Транспорт на две компании во државна сопственост кои одделно ќе го вршат товарниот и патничкиот сообраќај.
Македонската влада и Министерството за транспорт и врски треба повеќе да се ангажираат во пронаоѓање на приватни инвеститори во овој сектор, а треба да се размислува и за давање субвенции за влез на приватен железнички оператор во патничкиот сообраќај на одредени линии во земјава. Со тоа, ќе се развие железничкиот патнички сообраќај, но и ќе се намалат моменталните загуби на Македонски Железници – Транспорт. Агенцијата за регулирање на пазарот на железнички услуги е уште една клучна институција која треба многу повеќе да работи на влегување на приватни железнички оператори, бидејќи истата е замислена да биде двигател во развојот на пазарот на железнички сообраќај во земјава.
Бојан Блажевски