Претходна статија
И во Македонија се може: прва хибридна куќа во Братиндол
Следна статија
Скопје и понатаму убедливо предничи во бројот на изградени станови

ОСВРТ: Автобуските превозници се множат во Македонија

Објавено на 27.06.2011 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Автобуските компании во Македонија се множат како печурки по дожд. Електронската распределба на линии во меѓуопштинскиот и меѓународниот сообраќај од Министерството за транспорт и врски секоја година го отвора горливиот проблем поврзан со преголемиот број автобуски превозници во Македонија. Не само што ги има во голем број, туку нивната бројка од година во година постојано се зголемува. Некогашните гиганти во автобускиот патнички сообраќај, Пролетер – Скопје, Полет – Тетово, Југ Турист – Куманово, Балкан експрес – Штип, пропаднаа или работат со значително помал капацитет во однос на новите приватни автобуски превозници.

 

#Податоците покажуваат дека состојбата со автобускиот превоз во Македонија е очајна. Во прилог на ова се податоците за овогодинешната електронска распределба на линии на која аплицирале дури 99 фирми со 302 апликации, од кои 131 апликација за нови линии во меѓуопштинските возни редови и 119 апликации за нови релации на меѓународните линии. На интернет – страницата на Министерството за транспорт и врски е објавена листата на одобрени возни редови. На истата може да се забележи огромен број на превозници, па така од еден град конкурираат и по десетина компании за превоз на патници.

 

Ваквиот негативен тренд е особено изразен во одредени градови од земјата каде што пропаднаа некогашните автотранспортни компании. Класичен пример е Тетово. Со пропаѓањето на АТП Полет – Тетово се појавија огромен број превозници кои ги презедоа линиите и патниците на ова јавно транспортно претпријатие. Хак – комерц, Хафет – тоурс, Сеад турс ком, Нит – мак, Нерашт комм, Идо турс, Беса транс, Алба туристфарт се само дел од претпријатијата што се пријавиле до министерството за превоз на патници во домашниот и меѓународниот сообраќај од Тетово.

 

Слична е состојбата и со Куманово, каде на местото на некогашниот гигант Југ турист се појавија десетици компании кои вршат превоз на патници. Глобус турист – компани, Даро компани, Еуро тоурс АГ, Мимоза, Фикрет – туризам, Јоцо транс, Јоцо турс, Мамли травел, Стевани бенз се компаниите кои се пријавија за доделување линии за превоз на патници од Куманово.

 

Дел од новите автобуски превозници имаат незначителен број автобуси и возачи во сопствените редови. Од пристигнатите барања до Министерството за транспорт и врски може да се забележи дека во значително мнозинство се компаниите кои немаат ниту 10 автобуси во својот возен парк. Од друга страна, на прсти се бројат превозниците кои имаат поголема сума на автобуси за домашен и меѓународен сообраќај. Во моментов, Атом од Кочани се јавува како најголемо автотранспортно претпријатие во земјава со 45 автобуси во својот возен парк, а позади него се наоѓаат Галеб од Охрид со 40 автобуси и Транскоп од Битола со 36 автобуси за превоз на патници.

 

Состојбата со автотранспортните претпријатија во земјава е во спротивност со искуствата од европските земји и од нашите соседи. Грција е пример за тоа како треба да се развиваат автобуските превозници. КТЕЛ е најголемото автотранспортно претпријатие кое ја покрива целокупната територија на Грција со автобуски превоз. Историјата на овој автотранспортен превозник започнува во 1952 година, кога е основана КТЕЛ компанија за секоја префектура и остров во Грција. Од тогаш до денес, КТЕЛ прерасна во еден од најголемите автобуски превозници во целиот регион со 62 компании кои ја покриваат целокупната територија на континентална Грција и островите. КТЕЛ поседува 4.199 автобуси и покрива преку 80% од целокупниот патнички сообраќај во Грција.

 

Слично на Грција, и во Србија постојат неколку големи автобуски претпријатија кои го покриваат автобускиот сообраќај во земјата. Ласта од Белград е најголемото автотранспортно претпријатие во Србија, кое го покрива меѓународниот, меѓуградскиот сообраќај и приградскиот сообраќај во Белград со вкупно 774 автобуси во својот возен парк. Втор по големина автобуски превозник кај нашиот северен сосед е Ниш – Експрес од Ниш со преку 500 автобуси во сопствениот возен парк кои превезуваат 100.000 патници дневно со 2.665 поаѓања во период од 24 часа.

 

Споредбите со соседните балкански држави ги покажуваат негативните карактеристики на македонскиот автобуски сообраќај. Премногу автобуски превозници, преголем број на стари возила, прескапи карти на линиите, преголем број на нелегални превозници е вистинската слика на сообраќајот кај нас. Состојбата се менува од година во година, но на полошо. Наместо да се окрупнат и да се спојат, а со тоа да понудат поквалитетен, побрз и поевтин превоз, во Македонија се посега по спротивни мерки. Поради целата оваа состојба, можеби е време и државата, преку измени во законската регулатива и преземање соодветни мерки, да овозможи подобрување на јавниот автобуски превоз во земјава.

 

 

Бојан Блажевски

 

 

Форумска дискусија на тема Меѓуградски автобуски превоз » овде