На просторот на стариот кванташки пазар во Скопје, на аголот помеѓу булеварот Војводина и улицата Перо Наков, во тек се подготвителни работи за изградба на првиот хипермаркет на францускиот ланец „Бриколаж“ (Mr. Bricolage) во земјава. „Бриколаж“ е специјализиран кон производи за уредување и одржување на домот и дворот, како и понуда на „направи сам“ производи. Во Македонија влегува преку бугарската фирма „Доверие Брико“ која ги поседува франшизите за Бугарија, Македонија, Србија, Албанија, Црна Гора и Косово, а настапот е во партнерство со „Скопски Пазар“.
Според информациите кои пред три месеци „Скопски пазар“ ги објави на Македонската берза, компанијата има намера да изгради трговски објект наменет за однапред познати закупувачи. Финансиската тежина на проектот е проценета на 2,5 милиони евра, од кои еден милион евра се кредитно задолжување кај „Охридска Банка“. Вкупната површина на објектот кој треба да биде готов до крајот на годинава ќе изнесува околу 4.500 метри квадратни. Изведувач на градежните работи е „Масон-Инженеринг“, а за надзорот е задолжен „Балкан консалтинг“. Од „Скопски Пазар“ и „Брико Македонија“ засега не соопштуваат повеќе информации.