Претходна статија
800 илјади евра за нова инфраструктура во Влае
Следна статија
Започна проширувањето на улицата Теодосиј Гологанов

ОСВРТ: Македонски железници вози музејски експонати

Објавено на 12.05.2011 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Доколку Македонија не се одлучи во блиска иднина да вложи поголеми средства во возниот парк на Македонски железници – Транспорт, државата ќе остане без патнички или товарен железнички сообраќај. Причината за ваквата застрашувачка прогноза лежи во староста на возниот парк со кој располага ова транспортно претпријатие. Од крајот на 80 – тите години на 20 век до денес не е купена ниту една нова локомотива, патнички вагон, дизел или електромоторна гарнитура за патничкиот железнички сообраќај, а во товарниот сообраќај се книжат единствено новите 36 товарни плато – вагони купени од страна на владата со финансиска помош од Светската банка.

 

Патничкиот железнички сообраќај на Македонски железници се покрива со дизелмоторни и електромоторни гарнитури. На неелектрифицираните пруги во земјава сообраќаат дизел моторни гарнитури произведени на почетокот од 70 – тите години на 20 век од шпанскиот производител на шински возила Maкоса од Барселона. За тогашното ЖТП – Скопје се купени 20 дизел моторни гарнитури. Од нив денес сообраќаат само две гарнитури на возовите кон Кичево и Кочани.

 

Со завршувањето на електрификацијата на Коридор 10, во 1986 година се купени 4 електромоторни гарнитури од Заводот за производство на возови во Рига – СССР за потребите на ЖТП – Скопје. Покрај Македонија, во тој период ваков тип на возови добиваат Србија и Црна Гора. Од тогаш купените гарнитури, во моментов на нашите пруги сообраќа само една гарнитура со која се оддржува возниот ред од Табановце до Гевгелија.

 

Дизел-моторна патничка гарнитура од шпанскиот производител Makosa од БарселонаЕлектро-моторна патничка гарнитура од советскиот производител RVR од Рига

 

Ваквите алармантни податоци се поткрепени и со дотраеноста на патничките вагони кои се користат за превоз на патници како алтернатива на дизел и електромоторните гарнитури. Македонски железници располага со вагони произведени од српската фабрика Гоша – Смедеревска Паланка. Најголемиот дел од нив се произведени во периодот од 1964 до 1986 година, а во помал број се патничките вагони UIC – Z2 купени во периодот од 1989 до 1991 година.

 

Според староста, убедливо најлоша е состојбата со дизел локомотивите купени од американскиот производител Џенерал Моторс. Одредени примероци од овие локомотиви го имаат преживеано и скопскиот земјотрес, бидејќи се произведени и пуштени во сообраќај кон крајот на 50 – тите години од 20 век. Малку подобра е состојбата со електро локомотивите, кои се купени во најголем дел во 70 – тите години на изминатиот век, од најразлични производители на локомотиви, почнувајќи од шведска Асеа, хрватски Раде Кончар и Електропутере од Романија.

 

Дизел локомотива од американскиот производител General MotorsЕлектрична локомотива произведена во Раде Кончар по лиценца на шведската ASEA

 

Според груба проценка, возниот парк на Македонски железници – транспорт ја надминува староста од 30 години, бројка со која во Европа може да се споредиме единствено со Србија, Црна Гора, БиХ и Албанија. За состојбата да биде уште полоша за нас, Србија во текот на 2011 година ги очекува купените 12 дизел моторни гарнитури од Русија, а во моментов набавува и 25 електромоторни гарнитури. Оваа година се очекува и железниците на Босна и Херцеговина да се подноват со 9 нови дневни и ноќни патнички гарнитури од шпанскиот производител Талго, а Хрватска отиде чекор понапред со пуштање во производство на сопствени електромоторни гарнитури. Грчките железници го модернизираа возниот парк во периодот пред и по Олимпијадата во Атина, а државните железници во Романија и Бугарија купија десетици нови дизел и електромоторни гарнитури од германскиот производител Сименс.

 

За разлика од балканските соседи, железницата во Македонија не може да се пофали ниту со најава, а уште помалку со обезбедена финансиска конструкција и распишан тендер за подновување на железничкиот транспорт. Оливер Деркоски, директор на Македонски железници – Транспорт, неодамна во разговор за медиумите вети дека во наредните 5 години претпријатието ќе се поднови со 3 дизел моторни и 2 електромоторни гарнитури, како и реконструкција на 30 патнички вагони со кои ќе се задоволат европските стандарди за патнички железнички сообраќај.

 

Во меѓувреме, македонските железничари, претприемачи и патници се надеваат дека музејските експонати што сообраќаат по пругите ќе ги издржат планираните реформи и ветените подновувања. Сепак, опасностите од недостиг на вагони и влечени средства, укинување на патнички возови и големи чекања во превозот на стока и понатаму ќе претставуваат болна стварност со која се соочува железничкиот сообраќај во земјава.

 

 

Бојан Блажевски