Уставниот суд на денешната седница ја укина Одлуката на Советот на општина Центар, за измена и дополнување на Деталниот урбанистички план „Стара железничка станица“, од 30.08.2010. Судот утврди дека Одлуката била донесена по скратена постапка во време кога не постоела таква законска можност. Донесување на урбанистички план по скратена постапка беше оневозможено со измените на законот од јули 2009 кои влегоа во сила на 31.12.2009. Ист ваков епилог доживеа и верзијата на Деталниот урбанистички план „Мал Ринг“ усвоена од Советот на Центар на 29.01.2010. Како и во тој случај, се очекува Општината наскоро да усвои нов урбанистички план без позначајни измени, но по редовна постапка.
ДУП „Стара железничка станица“ го изготвија планерите од „Тајфа-План“. Границите на опфатот се улиците Мито Хаџивасилев Јасмин, Водњанска, Железничка и Бихачка, а површината изнесува 14,28 хектари. Поделен е на три блока со вкупно 18 градежни парцели. Планот меѓудругото предвидуваше три големи кружни текови, изградба на објекти над планираната подземна траса на Јужен Булевар и комерцијална доградба на објектот на Старата железничка станица.