Денес беше поставен камен темелник за најавената катна гаража која ќе ја гради Град Скопје на просторот помеѓу Јужен Булевар и ул. Мито Хаџивасилев Јасмин, спроти дирекцијата на „Макпетрол“. Објектот ќе има основа со димензии 50,3 х 50,3 метри и висина од 21 метар. На две подземни и седум надземни нивоа ќе бидат обезбедени вкупно 445 паркинг места од кои 17 ќе бидат за лица со посебни потреби. На приземјето ќе има деловен простор, а последниот кат е предвиден за угостителство. Сообраќаен пристап е зацртан преку новопроектираната сервисна улица која ќе биде поврзана со улицата Мито Хаџивасилев Јасмин. За потребите на гаражата се предвидени два влеза и два излеза за возила и два влеза за посетителите на објектот. Фасадата ќе биде изработена од префабрикувани алуминиумски елементи поставени на дистанцери и оддалечени 50 сантиметри од карабината.
Проектот го изработија Минас Бакалчев, Митко Хаџи Пуља, Саша Тасиќ, Александар Радевски, Никола Стрезовски и Дамјан Момировски. Изведувач на градежните работи е ГД „Гранит“ АД Скопје. Рокот за изградба е две години, а подготовките започнаа уште во мај 2010, со расчистување на теренот. Финансиите во вредност од околу 10,7 милиони евра ќе ги обезбеди Градот Скопје, од својот буџет и преку кредит на НЛБ Тутунска банка, кој е со грејс период од две години и рок на отплата од 10 години. Дел од средствата ќе бидат обезбедени и преку продажба на просторот кој не е предвиден за паркирање.