Претходна статија
Отворен Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија
Следна статија
Реконструкција на улицата Мито Хаџивасилев Јасмин

Нов кандидат за хотелот кај Горица

Објавено на 10.03.2011 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Извадок од урбанистичка документацијаФирмата „Дивелоп Груп“ беше најповолен понудувач на јавното наддавање за несреќната парцела кај Горица, на охридското крајбрежје. Понудата од 4.010 денари за метар квадратен, односно нешто повеќе од милион евра за целата парцела беше доволна да се исфрлат од игра другите два субјекти кои наддаваа. Почетната цена изнесуваше 61 денар за метар квадратен. Парцелата е со површина од 15.878 метри квадратни, површината за градење изнесува 6.667, а максималната бруто развиена површина 29.343 метри квадратни. Инвеститорот е обврзан таму да изгради хотел со 5 ѕвездички и да го брендира со име на хотелски ланец кој поседува или пак управува со повеќе од пет хотели. Ова земјиште е предмет на долгогодишни обиди на државата да пронајде сериозен инвеститор. Во последниот обид, на јавното наддавање кое се одржа во ноември минатата година, најповолен понудувач беше фирмата „Каса градба“, но иако ја доби парцелата за само 23.817 евра, не ги уплати средствата во предвидениот рок. Претходно државата организираше уште неколку неуспешни јавни наддавања, а се шпекулира дека оваа локација во одреден период била предмет на интересирање на „Хилтон“ и на „Соравија“.