Претходна статија
Real Estate „Ѕвезда“ за најдобрите проекти
Следна статија
Распродадени парцелите во индустриската зона Сачево

Стапи на сила законот за третман на дивоградбите

Објавено на 04.03.2011 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Почнувајќи од вчера, па во наредните шест години, околу 310 илјади дивоградби ширум државата добија можност да се легализираат. Во правец на што поуспешно спроведување на новиот закон, во наредниот период тимови предводени од министерот и заменик министерот за транспорт и врски, како и директорот на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, ќе ги посетат општините кои се најзасегнати од овој проблем и граѓаните ќе можат подетално да се запознаат со законските решенија.


Потребни документи кои треба да се приложат кон барањето за легализација се:


– уверение за државјанство или копија од лична карта за домашно физичко лице односно дозвола за постојан престој за странско физичко лице, а за домашно и странско правно лице, извод од Централен регистар на Република Македонија односно од соодветната институција во државата во која странското правно лице има седиште;


– доказ за приклучок на комунална инфраструктура и/или сметки за јавни услуги (струја, вода итн.), а доколку бесправниот објект нема инфраструктурни приклучоци изјава заверена на нотар дадена под кривична и материјална одговорност со која барателот ќе потврди дека бесправниот објект е изграден пред влегувањето во сила на овој закон;


геодетски елаборат за утврдување на фактичка состојба на бесправен објект со имотен лист.


Владата усвои ценовник за геодетски елаборати кој ќе биде задолжителен за фирмите што ќе ги изработуваат. Објектите според квадратурата се поделени во четири категории, а цените се движат помеѓу 6.350 денари за најмалите куќи до 150 метри квадратни и 7.940 денари за куќите од 250 до 350 метри квадратни. Покрај ова, за легализација на куќите ќе се плаќа и едно евро за метар квадратен, за станбени згради редовна цена за комуналии, додека за хотели и индустриски објекти 5% од редовната цена за комуналии.


Единицата на локална самоуправа односно органот на државна управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот во рок од шест месеци од приемот на барањето за утврдување на правен статус на бесправен објект утврдува дали се исполнети условите за вклопување на бесправниот објект во урбанистичко планската документација и издава урбанистичка согласност или донесува решение со кое се одбива барањето за утврдување на правен статус на бесправен објект. Исто така, Единиците на локална самоуправа се должни урбанистичко планска документација со која се врши вклопување на бесправните објекти да ја донесат во рок не подолг од пет години од денот кога решението за утврдување на правен статус станало конечно.


Со донесеното законско решение, предвидено е и прекинување на постапка доколку со барањето за утврдување на правен статус на бесправен објект не е доставен некој од наведените докази или земјиштето на кое е изграден бесправниот објект е со незапишани права, доколку со барањето е доставено и известување од нотар повереник на оставинскиот суд дека се води оставинска постапка за земјиштето на кое е изграден објектот. По прекинот на постапката барањето може да се дополни, под услов документите заради кои е прекината постапката да бидат дополнети, за кои барателот ќе биде претходно известен.


Освен првично опфатените градби од значење за Републиката утврдени со Законот за градење и законската регулатива на Република Македонија, градби со намена производство, дистрибуција и сервиси (тешка и загадувачка индустрија, лесна и незагадувачка индустрија, сервиси и стоваришта), објекти со намена домување во станбени куќи и електронски комуникациски мрежи и средства, кои се изградени без или спротивно на одобрение за градење, како и делови на објекти со наведената намена кои се изградени без или спротивно на одобрение за градење, до стапувањето во сила на овој закон. Преку амандмани кои беа прифатени во собраниската расправа, со донесениот закон предвидено е да се опфатат и градбите од локално значење, односно сите видови градби (доградби и надградби) предвидени во Законот за градење, како и јавни здравствени установи, со цел утврдување на нивниот правен статус.


Согласно Законот за третман на бесправно изградени објекти, предвидено е во рок од 30 дена од стапување во сила на Законот да бидат изготвени подзаконски прописи. До сега се изготвени и објавени во „Службен весник“ на Република Македонија бр. 26 од 02.03.2011 година, прописите за Формата и содржината на барањето за утврдување на правен статус на бесправен објект и Формата и содржината на записникот за извршен увид на лице место. Во наредниот период ќе бидат изготвени и прописите за Стандарди за вклопување на бесправни објекти во урбанистичко планската документација, Формата и содржината на урбанистичката согласност и решението за одбивање на барањето за утврдување на правен статус и подзаконскиот пропис за Формата и содржината на решението за утврдување на правен статус на бесправен објект.  Објектите кои во наредните шест години нема да добијат правен статус со овој закон, ќе бидат третирани согласно одредбите од Законот за  градење.