Под мотото „Градиме иднина”, на скопскиот саем од денес се одржува „Градежништво 2011“, саем за градежништво, градежни материјали и градежна механизација. Во четири изложбени хали, на вкупна површина од 10.000 метри квадратни, претставени се преку 300 изложувачи од земјата и странство. Манифестацијата свечено ја отвори вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски, кој нагласи дека градежниот сектор во 2009 година забележал раст од 4,4 проценти, додека за 2010 растот бил околу 10 проценти. Саемските врати ќе бидат отворении до 5 март, а цената на влезниците изнесува 90 денари.
Паралелно со „Градежништво 2011“, а во организација на групацијата „Леорон“ од Дубаи, за прв пат се одржува и Саемот за недвижности и инвестиции „REAL EX“. Во склоп на „REAL EX“, денес се одржува конференција со присуство на бројни експерти од Македонија, од европските земји, Обединетите арапски емирати и САД, како и претставници на централната и локалната власт во државава. Учесниците на конференцијата низ повеќе панел дискусии ќе се осврнат на регионалните и глобалните околности и трендови на пазарот на недвижности, регулативата, можностите за инвестирање и финансирање.