Откако домашната фирма „Каса градба“ не ги уплати средствата за фамозната парцела кај Горица, државата во нов обид да најде инвеститор за изградба на хотел на оваа атрактивна локација покрај Охридското езеро. Земјиштето со површина од 15.878 метри квадратни повторно ќе биде предмет на јавно наддавање со почетна цена од едно евро за квадрат. Површината за градење изнесува 6.667 метри квадратни, а максималната бруто развиена површина 29.343 метри квадратни. Најповолниот понудувач ќе биде обврзан да изгради хотел со 5 ѕвездички и да го брендира со име на хотелски ланец кој поседува или пак управува со повеќе од пет хотели. Пријавите за учество можат да се достават најдоцна до 07.03.2011, а јавното наддавање ќе се оддржи на 09.03.2011.
„Каса градба“ беше најповолен понудувач на претходното јавно наддавање кое се одржа во ноември минатата година. Фирмата ја доби парцелата за само 23.817 евра, но не ги уплати во предвидениот рок. Единствена компензација за државата беше симболичниот депозит на „Каса градба“ во вредност од 1.600 евра, кој беше предуслов за учество во постапката.