Македонско – босанскиот конзорциум на компаниите „Гранит“ од Скопје и „Интеграл Инженеринг“ од Лакташи е избран за изведувач на првата фаза од изградбата на автопатот во рамки на Коридорот 5ц на територијата на Босна и Херцеговина. Јавното претпријатие „Автопати“ на Република Српска го склучи договорот со овој конзорциум за изведба на автопатската делница помеѓу клучката Јоховац (Товир) и Руданка (Костајница). Проектот е во вредност од 62,5 милиони евра, се вели во информацијата објавена од скопски „Гранит“ на веб – страницата на Македонска берза.
Градежната компанија „Гранит“ веќе има големо искуство со изградбата на автопати во Босна и Херцеговина. Од друга страна, босанскиот пазар е традиционално најатрактивен за македонските компании при реализацијата на градителски проекти во странство. „Гранит“ го заврши минатогодишното работење со зголемена добивка, која на крајот од 2018 година изнесувала 302,7 милиони денари.