По поднесена иницијатива од Градежната комора и Стопанската комора на северозападна Македонија, Уставниот суд денеска ја прифати иницијативата за разгледување на уставноста и законитоста на мораториумот за градење на територијата на општина Центар, којшто започна во декември 2017 година и беше предвидено да трае до деталното ревидирање на сите 31 ДУП – ови за кои се откри дека се спорни и неопходно е да се доработат во функција на хуманото живеење на граѓаните.
Прифаќањето на иницијативата од уставните судии ќе значи времено укинување на мораториумот за градење во Центар до моментот кога Уставниот суд не ја донесе одлуката дали тој е законски донесен и е во согласност со Уставот на Р.М. Ваквата одлука всушност го отвора патот за повторно издавање на одобренија за градење по важечките урбанистички планови во Центар. Во изминатиов период беа успешно ревидирани само 2 ДУП – а, кои веќе се изгласани од општинскиот совет, додека за останатите 29, вклучувајќи го ѝ ДУП „Мал Ринг“, ќе важат на сила оние урбанистички планови што биле донесени пред изгласувањето на мораториумот.
За последен пат, Советот на општина Центар го продолжи мораториумот за градење кон средината на декември 2018 година, со рок на важност до 30 април годинава.