Град Скопје денеска објави тендер за избор на компанија што ќе ја реализира првата фаза од реконструкцијата на коловозот и тротоарите на улицата „Индира Ганди“ во општина Шуто Оризари. За санирање на главната сообраќајница во оваа скопска населба е предвидено да се издвојат над 17 милиони денари од градскиот буџет. Обновата на асфалт ќе следува по реализираната изведба на атмосферската канализација во должина од 942 метри долж трасата на оваа сообраќајница.
Реконструктивниот зафат на улицата „Индира Ганди“ ќе се врши врз основа на изработениот основен проект од „Еуро Роад Дизајн Груп“ од Скопје. Градските власти ги очекуваат понудите од заинтересираните компании најдоцна до 9 април, по што ќе се избере изведувачот на работите. Проектната документација што е изготвена за оваа улица предвидува санација на целата траса во должина од околу 2.700 метри, на потегот од раскрсницата со булеварот „Босна и Херцеговина“ до скопската обиколница, но ваквиот зафат ќе се одвива во фази.