Претходна статија
Повторно се бара инвеститор за хотел кај Горица
Следна статија
Продажба на парцела за болница во Карпош

Нов хотел и втора Градска куќа на Плоштад Македонија

Објавено на 07.02.2011 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Министерството за транспорт и врски на јавно наддавање ќе продава градежно земјиште на Плоштадот Македонија во Скопје. Станува збор за вкупна површина од 6.308 метри квадратни во чив состав влегуваат две урбанистички парцели, од кои едната е целосно во државна сопственост, а другата делумно. Потенцијалниот купувач ќе се здобие со правото да изгради нов хотел на 4.400 метри квадратни, на празниот простор веднаш до најавениот хотел од ланецот Мериот (Marriott). Височината на објектот е ограничена на 29 метри до венец, а бруто развиената површина изнесува 39.600 метри квадратни. Хотелот мора да има најмалку четири ѕвездички и да биде управуван или под франшиза на ланец со минимум 250 хотели во светот. Исто така фасадното обликување задолжително треба да биде доминантно во стилот академизам.


Истовремено купувачот би презел обврска да го обнови Офицерскиот дом, како дел од хотелскиот комплекс и второто ниво над приземјето без надоместок да и го отстапи на Република Македонија. Во тој простор се планира да функционира резиденцијален дел на Градската куќа како и матична служба и според условите во документацијата треба да ги има следните содржини: влезен хол во градската куќа, драгстор за култура, матичар со архива, матична служба, хол во матична служба и просторија за подготовка на млади, воздушен простор над свечена аула, голема сала за состаноци, три работни кабинети од кои едниот за градоначалникот на Град Скопје, сала за свечени приеми и простории неопходни за секојдневно функционирање на вработените. Офицерскиот дом треба да се обнови според идејното решение чив автор е професорот Коста Мангаровски, коешто инвеститорот треба да го доработи на ниво на идеен и основоен проект. Површината за градба е 2.395 метри квадратни, дозволената висина до венец изнесува 29 метри, а бруто развиената површина 19.160 метри квадратни. Инаку главниот објект „Градска Куќа“ ќе се гради под Кале, на просторот на сегашните бараки на ЈП „Водовод и канализација“. Таму треба да биде сместена бројната градска администрација.


Со оглед дека едната парцела е само делумно во сопственост на Република Македонија, потенцијалниот инвеститор исто така би се обврзал да постигне договор за уредување на меѓусебните односи со останатите сопственици на градежното земјиште (514 метри квадратни). Изградбата на објектите треба да заврши најдоцна 6 години сметано од денот на добивање на дозвола за градење. Во спротивно ќе биде активирана казна во висина од 2% од купопродажната цена на предметното земјиште за секој изминат месец, но најмногу 2 години од истекот на рокот од 6 години, по што доколку и во тој период не бидат изградени објектите, договорот ќе се раскине и земјиштето ќе се врати во сопственост на државата. Рокот за доставување на пријавите за учество е 07.03.2011, а јавното наддавање ќе се оддржи на 11.03.2011. Почетната цена изнесува 6.000 денари за метар квадратен.


Форумски дискусии:

» Офицерски дом

» Хотел