Владата планира да го субвенционира производството на електрична енергија од фотоволтаични панели. Во првата фаза на јавен повик ќе бидат понудени 62 мегавати на инвеститорите кои ќе можат да ги градат енергетските капацитети на државно и на приватно земјиште. На повикот ќе бидат понудени две локации во Македонски Брод и Свети Николе, на кои ќе може да се подигнат фотоволтаици со моќност од 35 мегавати. Во Македонски Брод ќе може да се изведат две централи со по 5 мегавати, додека останатите енергетски објекти би се изградиле во Свети Николе.
На јавниот повик ќе добијат субвенции оние компании што ќе побараат најнизок „премиум“, односно поддршка од државата, која, пак, ќе ги реши техничките и урбанистичките прашања за инвеститорите. Од владата велат дека во моментов се изградени фотоволтаични електрани со капацитет од 18,4 мегавати, што претставува минимална искористеност на сончевата енергија во производство на струја.