Скопската фирма „Филбис“ е избрана за да го изработи идејниот проект за изградба на секундарна гасоводна мрежа во Гостивар. Општинските власти го склучија договорот вреден 3,5 милиони денари, со кој се предвидува во рок од 5 месеци да биде изготвена проектната документација. Дистрибутивната мрежа на природен гас во Гостивар е предвидено да има должина од максимум 19 километри. Локалните власти планираат две варијанти за снабдување со природен гас на градот – поврзување на магистралниот гасовод Скопје – Тетово – Гостивар или изведба на виртуелен гасовод по примерот на Струмица.
Со изработката на идејниот проект ќе се опфатат сите главни краци на гасоводниот систем, споредната мрежа и помошните инфраструктурни објекти на трасата. Проектирањето на секундарната гасоводна мрежа ќе овозможи дистрибуција на природниот гас до крајните корисници во Гостивар. Тендерот за избор на проектант беше распишан од општина Гостивар кон средината на декември минатата година.