Булеварот Кочо Рацин во претстојнава градежна сезона ќе биде реконструиран во целост. Скопските градски власти денеска го објавија тендерот за изведба на зафатот, со кој ќе се промени асфалтот на оваа сообраќајница на потегот од крстосницата со булеварот Кузман Јосифовски – Питу до крстосницата со улицата Св. Кирил и Методиј (поранешна М.Х. Јасмин). Санациониот зафат ќе опфати поставување на нов асфалт на коловозот, којшто следува откако веќе беше обновена пешачко – велосипедската патека долж овој булевар.
Изведбените активности на булеварот Кочо Рацин е проценето дека ќе чинат околу 37 милиони денари. Идниот изведувач ќе има рок од 2 месеци за да ги реализира градежните работи. Градот Скопје до 20 март ги очекува понудите од заинтересираните компании за учество на тендерот, по што ќе следи изборот на најсоодветната понуда. Санацијата на коловозот ќе се врши врз основа на изготвениот основен проект од страна на Градежниот институт „Македонија“.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk